По аферата со десничарските врски, претседателот на австрискиот парламент сака да воведе безбедносни проверки во Законодавниот дом
Претседателот на австрискиот парламент Валтер Розенкранц е подготвен да воведе безбедносни проверки за парламентарните соработници доколку за тоа има мнозинство, додека истовремено се обидува да се дистанцира од насилните активности на Идентитарците поради растечкиот политички притисок врз ФПО.
Претседателот на австрискиот Национален совет Валтер Розенкранц од редовите на Слободарската партија на Австрија, ФПО, најави дека е подготвен да поддржи воведување безбедносни проверки за парламентарните соработници доколку за тоа постои мнозинство во раководството на парламентот. Изјавата следува по неколкудневните политички реакции поради информациите за поврзаност на лица блиски до ФПО со идентитарното движење, кое австриската Служба за заштита на уставниот поредок го оценува како десно екстремистичко. Прашањето повторно ја отвори дебатата за безбедноста во парламентот, но и за политичката одговорност на највисоките функционери.
Препорачано
Подготвен за промени ако постои мнозинство
Во емисијата „Hohes Haus“ на австрискиот јавен сервис ОРФ, Розенкранц изјави дека ќе ја спроведе секоја одлука што ќе биде усвоена со мнозинство или едногласно во Претседателската конференција на парламентот. Според него, темата за безбедносни проверки веќе била разгледувана на една од претходните седници, но тогаш сите парламентарни партии ја одбиле идејата. Доколку сега дошло до промена на ставовите, како што сугерираат последните изјави на Австриската народна партија (ОВП), таа може повторно да биде ставена на дневен ред. Розенкранц нагласи дека не носи еднострани одлуки и дека неговата улога е да ги спроведува правилата што ќе бидат усвоени од парламентарното раководство. Во последните денови претседателот на пратеничката група на Народната партија Ернст Гедл побара воведување вакви проверки, образложувајќи дека зачестените инциденти поврзани со лица од околината на ФПО бараат дополнителни мерки за заштита на институциите.
Дистанца од насилството, но не и од сите Идентитарци
Розенкранц се осврна и на критиките поради кадровските врски меѓу ФПО и идентитарното движење. Во јавноста неодамна беше објавено дека одредени парламентарни соработници имале контакти со ова движење, а дел од нив се поврзуваат и со насилни инциденти, меѓу кои и напад врз таксист во Леобен. Слободарската партија(ФПО) соопшти дека лицето кое било вработено во парламентот повеќе не работи таму. Розенкранц објасни дека кога претходно изјавил дека поранешно членство во идентитарното движење не треба автоматски да претставува пречка за работа во парламентот, не знаел дека конкретниот соработник веќе бил отпуштен. Тој нагласи дека проблем не е нечие политичко убедување или учество на протести, туку сомнежот за кривични дела и насилство. Според него, такво однесување нема место во парламентот. На прашањето дали идентитарното движење може да се смета за десно екстремистичко, Розенкранц одговори дека по последните примери може да се заклучи дека барем делови од движењето користат насилство како средство, поради што можат да бидат оценети како десно екстремистички.
Спор околу ремиграцијата и нови политички судири
Во интервјуто Розенкранц ја бранеше и својата одлука да не изрече опомена на пратеници од ФПО кои во парламентот го употребиле терминот ремиграција. Тој оцени дека зборот има научно потекло и се користи со децении, поради што не прифаќа автоматски да биде прогласен за спорен политички поим. Според него, ФПО под ремиграција подразбира враќање на лица согласно важечките законски прописи, а не масовни депортации или одземање државјанства. Таквите идеи, рече тој, не се во согласност со правната држава и не претставуваат став на неговата партија. Во исто време ги отфрли критиките околу изборот на новиот директор на парламентот Роланд Вајнерт, истакнувајќи дека бил спроведен регуларен конкурс со единаесет кандидати и дека членството во студентско братство не смее да биде причина за дисквалификација. Од Зелените реагираа со остри критики. Пратеникот Лукас Хамер оцени дека Розенкранц повторно се претставува како жртва наместо да се соочи со проблемите во сопствената партија и побара да се отвори расправа за можноста претседателот на Националниот совет да може да биде разрешен пред истекот на мандатот доколку ја изгуби довербата на парламентарното мнозинство.


