Ормускиот Теснец е отворен за комерцијална пловидба, тврди Трамп по новата серија напади
Претседателот на САД Доналд Трамп во интервју за „Ен-би-си њуз“ изјави дека Ормускиот Теснец е отворен за комерцијален поморски сообраќај, и покрај новата серија напади и контранапади меѓу САД и Иран во регионот.
Препорачано
И Централната команда на САД (Центком) денеска соопшти дека Ормуската Теснина е отворена за сите пловни објекти кои сакаат легално да поминат низ тој меѓународен воден пат. Во соопштението објавено на „Икс“ се наведува дека американските сили се позиционирани и подготвени да осигураат пловидбата низ Ормуската Теснина и понатаму да остане слободна и покрај, како што се вели, „неоправданата иранска агресија, вознемирување, закани и произволни изјави“.
„Иран не го контролира протокот. Сообраќајот се одвива без проблеми“, тврди Центком.
Од друга страна, Техеран во меѓувреме денеска соопшти дека во моментов не е можна пловидба низ Ормуската Теснина поради, како што наведе, „неодамнешните незаконски активности на американските воени сили во регионот“.
Иранската Управа за Персискиот Залив и Ормуската Теснина наведе во соопштение дека сите барања за премин ќе бидат разгледани во согласност со распоредот, а неопходните дозволи ќе бидат издадени штом ќе се воспостават стабилност и мир.
Ормуската Теснина, која го поврзува Персискиот Залив со Оманскиот Залив и Арапското Море, претставува една од најважните светски поморски рути за транспорт на нафта и гас.
Иранците погодија брод и го затворија Ормускиот Теснец — САД возвратија со удар


