Тинка Ристеска / Фото: Фејсбук/Театар „Антон Панов“

Почина актерката Тинка Ристеска, доајенка на Струмичкиот театар

На 73-годишна возраст почина актерката Тинка Ристеска, доајенка на македонското глумиште и една од основачите на Театарот „Антон Панов“ во Струмица. Веста за нејзината смрт ја соопштија од театарот, истакнувајќи дека зад себе оставила неизбришлива трага во историјата на оваа културна институција и во македонската театарска уметност.

„Денеска не се простуваме само од голема актерка. Се простуваме од дел од душата на Струмичкиот театар“, наведоа од Театарот „Антон Панов“ во објавата со која се простија од својата долгогодишна колешка.

Ристеска првпат застанала на сцената во 1969 година, кога имала само 16 години. Нејзината прва улога била Донка во претставата „Бегалка“, а со тој настап започнала актерска кариера што траела 55 години. Во текот на своето творештво остварила повеќе од 100 улоги, а настапувала во претставите „Галеб“, „Стаклена менажерија“, „Магбет“, „Ромео и Јулија“, „Печалбари“, „Женидба“, „Крвави свадби“, „Тетовирани души“, „Бледица“, „Лет во место“, „Хамлет од Долно Гаштани“, „Чудо големо“, „Вечна игра“ и многу други.

И по пензионирањето во 2005 година останала верна на сцената. Во 2019 година го одбележала 50-годишниот актерски јубилеј, а во 2024 година и 55 години актерска дејност – редок јубилеј на уметник кој целиот свој професионален живот му го посветил на театарот. Покрај богатата театарска кариера, Ристеска остави значаен белег и во телевизиски серии, ТВ-проекти и долгометражни филмови.


Од струмичкиот театар ја опишаа Ристеска како уметник кој не само што создавал незаборавни улоги, туку бил и човек секогаш подготвен да помогне, да ги охрабри помладите колеги и да го пренесе своето знаење.

„Тинка не беше само голема актерка. Таа беше прекрасен човек, секогаш подготвена да помогне, да охрабри и да го пренесе своето знаење. Беше мост меѓу генерациите – меѓу основачите на театарот и најмладите актери, оставајќи зад себе не само големи улоги, туку и голема човечност“, се наведува во објавата.

Од театарот истакнаа дека нејзиното име ќе остане трајно запишано во историјата на македонската театарска уметност, а нејзините улоги ќе продолжат да живеат во спомените на сите што имале можност да ја гледаат на сцената и лично да ја познаваат.

Погребот на Тинка Ристеска ќе се одржи утре, 14 јули, во 12 часот на градските гробишта во Струмица. Посмртните останки ќе бидат изложени од 11 часот во Градската капела.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот