Јанко Бачев реагира затоа што сме кажале дека жената што наплаќа на Куклица била негов кандидат
Партијата Единствена Македонија, односно Јанко Бачев, испрати реакција во која изразува незадоволство од тоа што во вчерашниот текст на „Слободен печат“ со наслов „Насилниците што наплаќаат кај „Куклица“ воделе проекти со ЕУ и со Министерството за животна средина — ќерката била кандидатка на Бачев“, воопшто е спомнато дека таа била кандидат на Бачев на локалните избори лани.
Препорачано
Во тоа споменување на овој неспорен факт, единствениот лидер на Единствена Македонија видел „обиди да се воспостави тенденциозна и неточна поврзаност меѓу партијата и случајот поврзан со наплатата во локалитетот Куклица, Кратово“.
„Сметаме дека е целосно неточно и неосновано да се создава впечаток за партиска одговорност за прашања кои се во надлежност на институциите, кои треба да постапуваат согласно закон и да ја утврдат целосната фактичка состојба“, вели Бачев и покрај тоа што впечатокот му е сосема погрешен, а текстот воопшто не наведува на заклучок дека партијата е одговорна за што било освен за, благо речено, дискутабилен избор на кандидати.
ФОТО | Насилничка наплаќа влез кај Камените Кукли, им се заканува на туристи и ги гаѓа со камења

„Загрижува фактот што наместо објективно информирање за надлежностите на институциите и реалните околности на терен, се избира пристап кој создава политички контекст без целосна и проверена фактичка основа“, вели Јанко Бачев, наведувајќи уште дека „се инсистира на насоки кои создаваат селективна и непотполна слика во јавноста“.
Градоначалникот на Кратово: Доброволно или насила, узурпаторите ќе ја напуштат Куклица
Во ефектното финале на неговата реакција, Бачев вели дека доколку не го напуштиме „едностраниот пристап кој создава погрешна перцепција кај јавноста“, тоа ќе било знак дека намерно се обидуваме да го нарушиме угледот на партијата Единствена Македонија.
„Очекуваме професионално, објективно и балансирано известување, засновано на проверени информации и целосен контекст. Во спротивно, ваквите обиди за создавање тенденциозна поврзаност на партијата со случајот во Куклица ќе ги сметаме за политичко етикетирање без фактичка основа, со јасна намера за нарушување на угледот на партијата преку селективно и невистинито известување надвор од контекст на настанот“, вели Бачев, т.е. неговата партија.


