Камери ќе ги „чуваат“ детските игралишта и урбаната опрема во Центар, снимките ќе се користат и за казнување

Фото: Слободен печат

Општина Центар со видеонадзор ќе ги штити детските игралишта и урбаната опрема од уништување. Одлуката за начинот на вршење видеонадзор на јавните површини на територијата на оваа општина веќе е донесена од советниците во Центар. Врз основа на оваа одлука ќе се донесат и правилници во кои точно ќе се прецизира кој ќе биде овластено лице, кој ќе биде контролор и кој ќе има пристап до системот, на кои локации ќе бидат поставени камерите и сите други поединости за да не се прекрши Законот за заштита на личните податоци.

Идејата е снимките од системот да може да се користат и во постапка за казнување на граѓаните што го оштетуваат општинскиот имот.

Ова е прва одлука што ќе се разработува, во моментов немаме ни финансиски средства за поставување ваков систем, ќе треба преку ребаланс на буџетот да се испланира, но како што укажуваат правниците во Општината, тие снимки ќе бидат доказ за МВР при сторено кривично дело и при нарушување јавен ред и мир. Се обидувавме да го заштитиме јавното добро и нема резултати, игралиштата не ни траат повеќе од месец- два, постојано ги санираме се кршат обрачи, се кршат детски реквизити. Суштината е снимката да се користи во постапката инаку нема зошто да се поставуваат камерите – објасни градоначалникот Горан Герасимовски на вчерашната седница на која се дискутираше за одлуката.

Фото: Општина Центар

Советниците се интересираа и за тоа како и кој ќе го иницира процесот на казнување, а како што беше речено, сето тоа дополнително ќе се утврди со правилниците. Сепак, според процените, самото носење на одлуката се очекува превентивно да дејствува за заштита на јавното добро, а поставувањето на камерите да доведе до драстично намалување на штетите, со што парите што се трошат за санација, би можеле да се наменат за други цели.

Се радувам дека ќе се користат анализи за густина на сообраќај и за снимање регистерски таблички, тоа е многу важно и многу корисно за граѓаните – истакна Јана Белчева од „Шанса за Центар“.

Сепак, таа потсети дека при реконструкција на улицата Орце Николов, на уличните светилки се поставија камери за потребите на ПОЦ, но системот никогаш не профункционира затоа што не доби дозвола од Агенцијата за заштита на личните податоци.

Камерите на Орце Николов ќе останат неактивни, ќе се проценува дали ги кршат правата на граѓаните

Како што е наведено во одлуката, со неа се уредува начинот на вршење видеонадзор на јавните површини на подрачјето на Општина Центар преку ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ во својство на контролор, се утврдуваат технички и организациски мерки за обезбедување тајност и заштита на личните податоци обработени преку видеонадзор, рокот и начин на чување на записите од видеонадзорот и начин на нивно бришење, како и правата и обврските на овластените лица што имаат пристап до системот за вршење на видеонадзор.

 Целта на видеонадзорот на подрачјето на Општината е обезбедување заштита на имотoт и на имотните права на Општината и добрата во општа употреба според изготвена Анализа на целта, односно целите за кои се поставува видеонадзорот во Општината и тоа: заштита на урбана опрема (автобуски постојки, опрема во функција на туристички и културни и спортски настани, самостојни рекламни паноа, детски игралишта, фонтани, чешми, клупи, корпи за отпадоци и други согласно законите); заштита на инфраструктурни објекти (улици, плоштади и други инфраструктурни објекти во надлежност на Општината); заштита на сообраќајни знаци и семафори и друга вертикална и хоризонтална сигнализација; заштита на улична јавна расвета; броење и евиденција на возила за статистички мерења – е прецизирано во членот 2 од донесената одлука.

Фото: Општина Центар

Според одлуката, мониторинг-центарот ќе биде сместен во просториите на ПОЦ, при што ќе има назначено одговорно лице за заштита на личните податоци. Преку системот за видеонадзор ќе се обработуваат неколку категории лични податоци, какви што се физички и физиолошки изглед на лица што повремено влегуваат во фокусот на камерите и моторни и друг вид возила, како и регистарски таблички на возилата.

На сите локации каде што се поставени камери на видно место ќе биде истакнато известување дека Општината и ЈП ПОЦ вршат видеонадзор, зошто се врши надзорот, како и начинот и постапката за добивање на обработените податоци.

Во одлуката се наведува дека прегледување на снимениот материјал, ќе се врши по поднесено писмено барање до ПОЦ во кое се наведува причината и законската основа поради кои се бара увид во снимениот материјал и врз основа на издадено писмено одобрение.

Снимките направени со видеонадзор ќе се чуваат до исполнување на целите за кои се врши видеонадзорот, но не подолго од 30 дена, освен ако со друг закон не е предвиден подолг рок, се прецизира во одлуката за начинот на вршење на видеонадзор на јавните површини во Центар, донесена на последната седница на општинскиот совет.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот