Камерите на „Орце Николов“ пет години џабе висат по канделабрите, ниту се во употреба ниту се знае дали ќе бидат
За 40-ината камери поставени на улицата во периодот кога таа се реконструираше беа потрошени 150 илјади евра од буџетот на Центар. Дали парите беа залудно фрлени?
Цели пет години изминаа откако се поставени камерите на улицата „Орце Николов“, со цел да се контролира паркирањето на оваа скопска улица, а тие сѐ уште не се во употреба, иако беа најавувани како „паметен“ проект и за нивна набавка се потрошија пари на граѓаните.
Препорачано
Камерите беа монтирани на канделабрите долж улицата во мај 2021 година во текот на нејзината реконструкција, како дел од проектот „Смарт сити“, а како што тогаш објаснуваа од Општина Центар, со нив требаше да се снимаат паркинг-местата и да се праќаат информации до системот дали паркинг-местата се слободни или полни. Како што тврдеа оттаму, системот ќе ги препознава и регистарските таблички со што ќе се знае дали возилата имаат дозвола да се паркираат во тој регион, а доколку не се резиденти и немаат дозвола, казната ќе се испраќа по пошта на домашна адреса.
Иако сето беше убаво смислено, досега не профункционира, затоа што тогаш очигледно се заборави моментот на заштита на личните податоци на граѓаните, па имаше многу забелешки од жителите на оваа улица дека камерите се поставени така што буквално „ѕиркаат“ во нивните домови.

На почетокот на 2022 година, Агенцијата за заштита на личните податоци спроведе супервизија по службена должност во однос на поставениот систем за вршење видеонадзор на улицата „Орце Николов“. Притоа, како што посочија тогаш оттаму, било утврдено дека поставените камери не се во функција и дека не се врши обработка на лични податоци.
Исто така, беше утврдено дека Општината нема извршено процена на влијанието на заштитата на личните податоци, која според Законот за заштита на личните податоци при користење нови технологии за некој вид обработка, според природата, обемот, контекстот и целите на обработката, доколку постои веројатност истата обработка да предизвика висок ризик за правата и слободите на физичките лица, пред да биде извршена обработката, контролорот (во овој случај Општината) е должен да изврши процена на влијанието на предвидените операции на обработка во однос на заштитата на личните податоци – прецизираат од Агенцијата.
Значи без извршена процена на влијанието на камерите на заштитата на личните податоци тие не можеа да бидат пуштени во употреба. Поради тоа, Агенцијата ја задолжи Општина Центар тоа задолжително да го направи пред да го пушти видеонадзорот, но и јавно да ги информира граѓаните дека поставените камери не се во функција т.е. дека не се врши обработка на лични податоци.

Веднаш потоа Општината на својата веб-страница јавно ги информира граѓаните дека камерите сѐ уште не работат, а во мај 2022 година Советот на Општина Центар со одлука камерите ги предаде во надлежност на ЈП „Паркинзи“ на Општина Центар.
Со оваа одлука Општината му го пренесе на ПОЦ правото на трајно користење на системот за паметно паркирање – хардверската инфраструктура, периферните уреди, комутаторите и потребната мрежна опрема и го задолжи да направи процена на влијанието.
Се задолжува Јавното претпријатие за јавни паркиралишта „Паркинзи“ на Општина Центар – Скопје да изврши процена на влијанието на предвидените операции на обработката во однос на заштитата на личните податоци, поврзани со процесот на системско набљудување на јавно достапни простори во големи размери (улица „Орце Николов“ во населба Дебар Маало, Општина Центар – Скопје), пред воведувањето на интегрираниот систем за паметно паркирање, во согласност со одредбите од член 39 од Законот за заштита на личните податоци и одредбите од Правилникот за процесот на процена на влијанието на заштитата на личните податоци – е наведено во Одлуката.
Камерите на Орце Николов ќе останат неактивни, ќе се проценува дали ги кршат правата на граѓаните
Оттогаш досега нема информација што се случува со поставените камери и дали воопшто ќе се пуштат во употреба. За 40-ината камери поставени на улицата во периодот кога таа се реконструираше беа потрошени 150 илјади евра од буџетот на Центар. Дали парите беа залудно фрлени?
Договорот за набавка на интегриран систем за паметно паркирање на улица Орце Николов датира од 2021 година, со вредност од 9.141.000 денари со ДДВ. Станува збор за набавка на софтверско-хардверски систем, кој е ставен во владение на ПОЦ, со одлука на Советот од 19.5.2022 – посочуваат од Општина Центар.
Од ПОЦ со денови не одговараат на прашањата дали направиле процена на влијание за заштита на лични податоци и кога се планира и дали воопшто се планира камерите да се пуштат во употреба.

Од Агенцијата за заштита на лични податоци повторно објаснија дека при користење нови технологии за обработка на податоци, мора да се изврши проценка на влијанието на предвидените операции на обработката во однос на заштитата на личните податоци.
Таквата проценка на влијанието врз заштитата на личните податоци се бара особено во случај на обработка на лични податоци со користење на систематско набљудување (мониторинг) на јавно достапни простори во големи размери – велат од Агенцијата.
Во тој контекст, контролорот пред да започне со обработка на лични податоци преку систем за видеонадзор мора да спроведе претходна процена на влијанието на заштитата на личните податоци, која меѓу другото треба да содржи и процена на неопходноста и пропорционалноста на операциите на обработка во однос на целите, проценка на ризиците за правата и слободите на граѓаните, како и мерките предвидени за решавање на ризици. Тоа подразбира заштитни мерки, мерки на безбедност и механизми за да се обезбеди заштитата на личните податоци и за да се демонстрира усогласеноста со овој закон.
Камерите на улица Орце Николов не „ѕиркаат“ во домовите на граѓаните – не се во функција
Врз основа на претходно спроведената процена, како што објаснуваат од Агенцијата, контролорот ќе треба да оцени дали и на кој простор би можело да се врши видеонадзор односно обработка на личните податоци преку системот за вршење видеонадзор на јавни прометни површини.
Извршената процена на влијанието на заштитата на личните податоци контролорот не е должен да ја пријави до Агенцијата, бидејќи според одредбите од Законот за заштита на личните податоци, контролорот е одговорен за усогласеноста со прописите за заштита на личните податоци, при што е должен да ја демонстрира усогласеноста (отчетноста). Досега од Агенцијата не се побарани насоки од страна на Општина Центар и Јавното претпријатие за паркинзи на Општина Центар (ПОЦ) во однос на поставување на видео надзор на улицата „Орце Николов“ – посочуваат од Агенцијата за заштита на лични податоци.
Во меѓувреме камерите на улицата „Орце Николов“ се доказ како залудно се трошат пари на граѓаните за нефункционални или недоволно обмислени проекти, кои докрај не се реализираат.


