ВИДЕО | „Не сум виновен“, рече бодигардот на премиерот Мицкоски, Ангел Самараков, обвинет за одавање службена тајна на Благоја Коруноски
Ангел Самараков, полициски службеник од Шестата управа која обезбедува ВИП-личности и неодамнешен обезбедувач на премиерот Христијан Мицкоски, денеска седна на обвинителна клупа во скопскиот Кривичен суд.
Препорачано
Обвинет е за одавање службена тајна на лице, кое во постапката се води како сведок – Благоја Коруновски.
Самараков запрашан дали се чувствува виновен за кривичното дело кое му се става на товар, одговори негативно.
Инаку, Благоја Коруновски кој сега е сведок во постапката односно кој според Обвинителството требало да ги прими документите наводна службена тајна, е познат на органите на прогонот и е осуден за убиство во 2007 година. Обвинителката Ивана Трајчева вели дека неговиот бекграунд не е причина да не му се верува овој пат.
Значи видете, бекграундот, без разлика дали на сведокот или на друго лице, не значи дека не можете воопшто да му верувате во иднина, или дека треба само да му верувате. Така, секој од нас си има своја некаква позадина. Во конкретниот случај, немам зошто, односно Обвинителството нема зошто да не му верува на сведокот бидејќи се она што тој го кажува е документирано на видео запис и тоа ќе се види пред судот бидејќи тие докази се предложени од страна на Обвинителството, рече Трајчева.
Одбраната на Самараков рече дека се работи за незаконито поттикнување на кривично дело што Благоја Коруновски го направил врз Самараков, затоа што токму полицискиот службеник Самараков бил тој што во 2019 година го уапсил кога истиот бил во бегство повеќе од 2 години.
Во воведниот збор обвинителката Ивана Трајчева рече дека во текот на главната расправа обвинителството ќе докаже дека Ангел Самараков на 30 март 2025 година околу 23 часот, на паркинг пред хотелот „Гарденија“ во Велес, како службено лице вработено во МВР, а од користољубие, на сведокот Благоја Коруноски му дал достапни службени документи на МВР кои се службена тајна, за сведокот тие документи да ги објави на социјалните мрежи.
-За тоа обвинетиот Самараков требало да прибави од лицето Лелита Трајковска Миленкова износ од 50 илјади евра. Со тоа му се става на товар дека сторил кривично дело одавање службена тајна по член 360 став 2 во врска со став 1 – рече обвинителката Трајчева.

Бранителот на Самараков, Ивица Ефремов, пред судот рече дека ќе го убеди судот оти неговиот клиент не ги сторил дејствијата опишани во обвинителниот акт.
-Нашата одбрана ќе биде насочена кон тоа што Обвинителството користи докази што незаконски ги прибавиле и не може да се предмет на докажување во кривична постапка, ќе ве увериме дека доказите што ги приложува Обвинителството немаат својство на службена тајна и воопшто не постои елементот на користољубие – рече адвокатот Ефремов.
Сведокот Коруноски не е во земјава, па неговото сведочење ќе се одложи за август, а во суднциа се очекува да бидат пуштени две видео снимки предложени од обвинителството, едната од критичната вечер, а другата од друг период.
Обвинителството пред судот приложи докази – вештачени мобилни телефони, лаптоп, хард дискови. При обид да се пуштат две видео-снимки кои ги предложи Обвинителството, поради техничка неможност, тоа не се случи и снимките останаа за следното рочиште.
Во судницата е присутна сопругата на Ангел Самараков, Сања Самаракова, поранешна кандидатка на ВМРО-ДПМНЕ за советник на општина Велес. Полицискиот службеник Самараков во МВР работи од 2015 година, не е осудуван и има завршено Правен факултет со положен правосуден испит.



