Ученици со мобилни телефони - Фото: pexels-rdne

Европскиот парламент повика во цела ЕУ да се забранат социјалните мрежи за деца под 16 години

Европскиот парламент на пленарна седница денеска во Стразбур усвои незаконодавен предлог за заштита на малолетниците на интернет, вклучувајќи минимална возраст од 16 години за пристап до социјалните мрежи во цела ЕУ и забрани за најштетните практики што предизвикуваат зависност, објави Ројтерс.

Пратениците ја одобрија резолуцијата со 483 гласа „за“, 92 „против“ и 86 „воздржани“, со што се предлага хармонизирана минимална возраст низ цела ЕУ од 16 години за пристап до социјалните мрежи, видеоплатформите и мрежите за вештачка интелигенција, а воедно се дозволува пристап за деца на возраст од 13 до 16 години со согласност од родителите.

Парламентот, исто така, повикува на забрана за најштетните практики што предизвикуваат зависност и стандардно оневозможување на други функции што предизвикуваат зависност за малолетници, забрана за веб-страници што не се во согласност со правилата на ЕУ, акција за справување со технологии како што е насоченото рекламирање.

Европскиот парламент, исто така, повикува на заштита на малолетниците од комерцијална експлоатација, вклучително и со забрана на платформите да нудат финансиски стимулации за деца инфлуенсери (деца што дејствуваат како инфлуенсери) и итна акција за справување со етичките и правните предизвици што ги претставуваат алатките за вештачка интелигенција, вклучително и лажните вести.

Предлогот на Европскиот парламент не е обврзувачки, но е јасен повик до Европската комисија да преземе акција.

Предлогот на Европскиот парламент ги зајакнува тековните преговори во рамките на ЕУ, предводени од Грција и веќе поддржани од Франција и од Шпанија, што предвидува воспоставување нови правила на ЕУ за масовно ограничување на употребата на мрежите од страна на децата, во услови на растечка загриженост за ефектите од прекумерното време поминато на интернет.

Прашањето за забрана на употребата на социјалните мрежи за млади лица под 16 години без согласност на родителите привлече зголемено внимание низ целиот свет откако Австралија, по што следуваат Малезија и Данска, одлучија да ја одредат минималната возраст за регистрација на сметки на одредени мрежи на 16 години.

Европската комисија испитува начини за ограничување на пристапот до социјалните мрежи за млади лица под 16 години, но во моментов се фокусира на можна ревизија на некои директиви. На „јазикот на Брисел“, директивата, за разлика од регулативата, е законски акт што поставува цел што сите земји на ЕУ мора да ја постигнат, но секоја земја е потребно да донесе свои закони за да ги постигне овие цели.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот