Израелска фирма се мешала во избори ширум светот, вели Франција
Француската служба за откривање дезинформации вчера соопшти дека израелска фирма се вмешувала во изборите во неколку земји ширум светот, објави „Ројтерс“.
Препорачано
Властите во Франција претходно изјавија дека се сомневаат дека фирмата „Блеккор“ стои зад онлајн кампања за оцрнување насочена кон тројца кандидати за градоначалници од крајно левичарската, пропалестинска партија Непокорна Франција (ЛФИ) на локалните избори во март.
„Овој начин на дејствување не беше ограничен само на општинските избори во Франција. Се чини дека бил користен и за спроведување операции на странско дигитално мешање во други земји или региони, како Ангола, Того, изборите во Шкотска и локалните избори во Њујорк во 2025 година“, рече шефот на службата за откривање дезинформации „Вижинум“, Марк-Антоан Брилијан.
Брилијан додаде дека сè уште не е јасно кој ја ангажирал фирмата за да се меша во Франција.
Францускиот премиер Себастиен Лекорну изјави дека владата побарала од Израел објаснување за активностите на „Блеккор“, но и помош во утврдување кој стои зад кампањата за оцрнување.
„Воопшто не се сомневам дека ако француска приватна група од француска територија се мешаше во изборите во Израел, нивниот амбасадор веднаш би реагирал“, рече Лекорну.
Израелската амбасада во Париз потврди дека Франција се обратила до нив, додавајќи дека чека детали од француската истрага за да спроведе сопствена проверка.
Таргетирани избори во Њујорк и Шкотска
Брилијан не прецизираше кој бил таргетиран за време на минатогодишните избори во Њујорк, кои ги доби Зохран Мамдани.
Неговата победа беше поздравена од дел од младите еврејски прогресивци, но предизвика загриженост кај традиционалните про-израелски гласачи поради неговата отворена поддршка за палестинската кауза.
„Вижинум“ наведе и дека открила профили поврзани со „Блеккор“ кои го таргетирале првиот министер на Шкотска, Џон Свини, кој ја осуди ситуацијата во Газа како хуманитарна катастрофа.
Фирмата „Блеккор“, пред да ја избрише својата онлајн присутност, се опишувала како елитна компанија за влијание и за безбедност изградена за модерната ера на информациско војување, наведувајќи дека им обезбедува напредни стратегии, алатки и безбедносни решенија на влади и на политички кампањи.
Локални избори во Франција: Левицата победи во Париз, Марсеј и Лион


