ЕСМ спасува осум милиони евра: Узунчев откри како е променет спорниот договор за Александрополис

АД ЕСМ ќе заштеди околу осум милиони евра благодарение на анексот на договорот со грчката компанија „Гастрејд“, оператор на терминалот за течен природен гас во Александрополис, изјави за МИА генералниот директор на компанијата Лазо Узунчев.

Според него, со новата спогодба се прекинуваат трошоците за закуп на капацитет што досега не можел да се користи, со што директно се намалува финансискиот товар врз државната енергетска компанија.

– Успеавме да постигнеме договор со „Гастрејд“ за потпишување анекс со кој се поместуваат роковите за плаќање на закупот. Според претходниот договор, АД ЕСМ беше обврзана да плаќа повеќе од 250 илјади евра месечно уште од октомври 2024 година – изјави Узунчев за МИА.

Тој потсети дека претходното раководство на компанијата склучило договор за закуп на капацитети на ЛНГ терминалот во Александрополис во времетраење од 15 години, без можност за раскинување, но без да биде обезбедена целосната транспортна рута за испорака на гас до Македонија.

Поради тоа, како што посочи, компанијата не можела да ги користи закупените капацитети, а досегашната финансиска штета изнесува над седум милиони евра, од кои четири милиони за закуп на терминалот и уште три милиони евра за нефункционални преносни капацитети. Новиот анекс предвидува 30-месечен мораториум за користење на терминалот, период што треба да овозможи подготовка на новите гасни капацитети на ЕСМ.

Узунчев најави и дека следната недела компанијата ќе потпише грант-договор со Светската банка во вредност од 2,4 милиони долари за подготовка на проектот за изградба на гасната електрана „РЕК Битола 1“.

– Овие средства ќе бидат наменети за изработка на студии, проектна документација и подготовка на тендерската постапка. По завршување на оваа фаза ќе следува избор на изведувач согласно правилата на Светската банка – изјави Узунчев за МИА.

Проектот предвидува изградба на гасна електрана со инсталиран капацитет од 250 до 300 мегавати, а реализацијата се очекува да заврши до 2030 или 2031 година.

Дополнително, ЕСМ работи и на проект за трансформација на ТЕЦ „Неготино“ од мазут во гасна електрана со капацитет од 300 до 400 мегавати, што според Узунчев треба да се реализира во следните пет до седум години.

– Со тоа мазутот ќе замине во историјата, а Македонија ќе добие уште еден модерен и стабилен енергетски капацитет – истакна Узунчев во изјавата за МИА.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот