Палестински лекар 17 месеци чека во израелски притвор, сè уште не е обвинет за кривично дело
Израелскиот Врховен суд разгледува дали да го продолжи притворот на палестинскиот доктор Хусам Абу Сафија, кој беше приведен во Газа пред 17 месеци и сè уште не е обвинет за кривично дело, објави „Гардијан“.
Препорачано
Абу Сафија, 53-годишен педијатар и директор на болницата Камал Адван во северна Газа, се појави пред судиите преку видео врска за да го оспори неговото продолжено притворање. До четврток попладне, судот сè уште не ја објави својата одлука.
За време на војната меѓу Израел и Хамас, тој стана едно од препознатливите лица на здравствените работници во Газа. Тој ја водеше болницата за време на 85-дневната опсада од страна на израелската армија и претходно објави видеа во кои бараше помош. Според организацијата „Лекари за човекови права – Израел“, уште 14 лекари од Газа се во израелски затвори.
Видеото од појавувањето на судот покажува дека Абу Сафија бил во лисици и носел бела затворска облека. Организацијата вели дека неодамна бил префрлен во самица, а неговиот син Елиас Абу Сафија тврди дека ова се случило кратко време по жалбата.
Израелската војска соопшти дека Абу Сафија е под истрага поради сомнение за соработка или работа за Хамас. Медицинскиот персонал и меѓународните хуманитарни организации кои работат со него ги отфрлија тврдењата. Израеската затворска служба ги негираше наводите за злоставување и соопшти дека сите притвореници добиваат професионална медицинска нега.
„Јас сум педијатар кој им обезбедува медицинска нега на пациентите, ранетите и најранливите во Појасот. Ја извршував својата работа во согласност со меѓународното право и хуманитарните стандарди. Моето притворање е неправедно и произволно“ неговиот адвокат ја пренесе пораката на докторот по сослушувањето.
Војната започна на 7 октомври 2023 година, по нападот на Хамас врз јужен Израел, во кој беа убиени околу 1.200 луѓе, а 251 лице беше земено како заложник. Оттогаш, речиси 73.000 луѓе загинаа во израелската офанзива на Газа, според податоците од Министерството за здравство во Газа.
Палестинци приморани да си ги срушат сопствените куќи, за на нивно место да „никне“ тематски парк


