Велислава Петрова и Тимчо Муцунски / Фото: МНР

Петрова-Чамова вели дека со Муцунски зборувала на бугарски јазик и одлично се разбирале

Недостатокот на политичка волја за исполнување на преземените обврски го попречува напредокот на Северна Македонија кон Европската Унија. Ова го изјави министерката за надворешни работи на Бугарија, Велислава Петрова-Чамова, за БГНЕС.

Петрова нагласи дека договорите не се билатерални, туку европско прашање и сите лидери на ЕУ се категорични дека единствениот пат напред за Скопје е да ги исполни веќе преземените обврски.

„Тажно е да се види дека четири години подоцна, договор постигнат на европско ниво и поддржан со одлука на Собранието на Република Северна Македонија сè уште не може да се спроведе поради недостаток на политичка волја“, рече таа.

На прашањето дали зад политиката на Скопје стои странско влијание, вклучително и во врска со предупредувањата во најновиот извештај за Северна Македонија од страна на Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент за опасниот концепт на „српски свет“, министерката одговори:

„Го цитиравте извештајот што зборува во оваа насока. Не е случајно што реков дека станува збор за политичко лидерство. Ако политиката се темели целосно на антитезата, а не на проевропска теза, нормално е да се бара излез од ваквите договори. Не станува збор нужно само за Србија. Во интерес на многу други земји е да има конфликт меѓу земјите од Западен Балкан и земјите-членки на Европската Унија. Таква причинско-последична врска може да се бара на многу нивоа, но конечниот резултат е важен. Политичка волја е потребна кога се прават вакви договори. Ако таа недостасува и е полесно да се изгради политика врз основа на антитезата, тогаш нема да стигнеме многу далеку“, рече Петрова-Чамова, пренесува медиумот.

На новинарско прашање зошто претседателката на Северна Македонија Гордана Силјановска-Давкова се двоуми да зборува македонски во Софија, Петрова-Чамова одговори дека со македонската претседателка таа не се сретнала, но дека со македонскиот колега Тимчо Муцунски разговарала
на бугарски и „одлично се сложувале“.

„Никогаш не сум се сретнала со неа. Во моите разговори со министерот за надворешни работи зборувам бугарски и се разбираме одлично“, рече Петрова-Чамова.

Петрова-Чамова вели и дека Бугарија „дала доволно јасни сигнали“.

„Покажавме целосна подготвеност да обезбедиме предвидливост и јасни критериуми за тоа што треба да се направи. Се надевам дека другата страна ќе се движи кон спроведување на договореното, а не кон обиди за избегнување на одговорност“, рече таа.

Бугарската министерка Чамова рече дека се сретнала со Муцунски, тој вели: Тоа не беше средба

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот