Јокиќ наскоро може да го потпише најголемиот договор во историјата на НБА
Најдобриот српски кошаркар Никола Јокиќ е на чекор да потпише нов договор со кој би можел да стане најплатениот играч во историјата на најсилната кошаркарска лига во светот.
Препорачано
Иако неговиот Денвер оваа сезона не ги оправда очекувањата и беше елиминиран уште во првото коло од плејофот, Јокиќ останува клучната фигура врз која клубот ја гради својата иднина.
Пред српскиот центар се две можни опции за продолжување на соработката. Првата е потпишување четиригодишен супермаксимален договор вреден 278 милиони долари, доколку не ја искористи опцијата во актуелниот договор за сезоната 2027/28. Во тој случај, неговата просечна годишна заработка би изнесувала 69,5 милиони долари, што би претставувало нов рекорд во лигата.
Втората можност предвидува активирање на постојната опција за сезоната 2027/28 и потпишување нов тригодишен договор вреден 214 милиони долари. Со такво сценарио, Јокиќ би станал првиот кошаркар во историјата кој во една сезона би заработил повеќе од 70 милиони долари.
Она што особено ги радува навивачите на Денвер е фактот што Јокиќ повеќепати јавно истакна дека сака целата кариера да ја мине во овој клуб. И покрај бројните шпекулации и предизвиците што ги носи модерната кошарка, српскиот ас останува лојален на тимот што во 2023 година го одведе до шампионската титула.
Сепак, раководството на Денвер се соочува со сериозни финансиски предизвици. Новите правила и високите даночни обврски значително го ограничуваат просторот за дополнителни вложувања во составот. Иако главните играчи имаат важечки договори, клубот има сè помалку можности за ангажирање квалитетни засилувања и проширување на ротацијата.
Кошаркарите на ТФТ и следната сезона ќе играат во АБА 2 лигата


