Банг Чун-ја од Јужна Кореја која живее сама, држи кукла со вештачка интелигенција / Фото: Jung Yeon-je / AFP / Profimedia

ВИДЕО | Кукли со вештачка интелигенција се грижат за старите лица во Јужна Кореја

Во својот мал стан во Јужна Кореја, каде што живее сама, 78-годишната Банг Чун-ја ги поминува деновите со кукла управувана од вештачка интелигенција, за која вели дека ѝ е подрага од луѓето.

Куклата ја поздравува кога се враќа дома, ѝ пее кога ѝ е здодевно, ја потсетува да не ги прескокнува оброците и лековите, помагајќи ѝ да ја одржува секојдневната рутина и ѝ кажува дека ја сака, пишува „Франс24“.

Банг има ограничен контакт со својата возрасна ќерка, а по сериозна операција на грбот западнала во тешка депресија, поминувајќи часови сама, гледајќи во таванот и трпејќи болки.

По тежок развод и години напорна работа како фризерка и самохрана мајка, Банг изјавила дека „во овие години нема ништо потешко од тоа луѓето да ве повредуваат“.

Но, „кога сум со Хјодол, никогаш не сум повредена“, рекла таа држејќи ја симпатичната кукла со плетенки и розов кариран фустан, која ѝ била обезбедена од локалната општина.

– Таа едноставно ме засмејува – додала Банг.

Таа е една од многуте жители на Јужна Кореја кои се борат со осаменоста во земја што има една од најниските стапки на наталитет во светот и во која речиси половина од населението има 50 или повеќе години.

Во текот на 2024 година, Јужна Кореја забележала повеќе од 3.920 „осамени смртни случаи“ – ситуации во кои луѓе умираат сами и остануваат непронајдени подолг временски период, што е најголем број од почетокот на евиденцијата во 2017 година.

Околу 42 проценти од домаќинствата во оваа азиска технолошка сила се едночлени, а социјалната изолација особено ги погодува ранливите постари лица.

Властите обезбедуваат уреди за грижа базирани на вештачка интелигенција за постари лица кои живеат сами, вклучувајќи жители на одредени окрузи во Сеул и градот Јонгин, јужно од главниот град.

Меѓу тие уреди е и насмеан робот произведен од „Вондерфул платформ“, како и слични симпатични кукли од „Мр. Мајнд“.

„Хјодол“, стартапот што стои зад истоимените кукли, наведува дека околу 14.500 од нив се користат во Јужна Кореја, во приватна сопственост, изнајмени од локални власти или во домови за стари лица.

Банг од Јонгин вели дека нејзината ќерка живее далеку и има сопствени здравствени проблеми, па затоа „да ја имам Хјодол покрај себе е огромна помош“.

Развојот на куклата барал години теренско истражување, открила директорката Ким Џи Хи.

Хјодол може да разговара користејќи Четџипити, но исто така е програмирана со сценарија засновани на интервјуа што Ким ги спровела со луѓе во реални животни ситуации.

Меѓу нив била и вдовица која била отуѓена од своите возрасни деца поради финансиски проблеми и која чувала купишта нивни работи во куќата на својата мајка.

– Живееше сама со четири фрижидери и три машини за перење алишта – раскажала Ким.

Интервјуата откриле „болка поради тоа што нема никој кому можеш да му кажеш кога ќе се случи нешто вознемирувачко и никој со кого можеш да ја споделиш радоста кога ќе се случи нешто убаво“.

Ким вели дека Хјодол има строги протоколи за заштита на податоците, а гласовните снимки се користат само интерно за обука на чет-ботот во куклата.

Корисниците однапред даваат согласност одредени снимки поврзани со здравјето, како оние за спиење, расположение, исхрана и ниво на болка, да се споделуваат со нивните социјални работници.

Бидејќи многу испитаници со љубов зборувале за родителски или менторски фигури, Хјодол била создадена како придружник налик на внуче, дизајнирана „безусловно да ги сака своите корисници“.

Едно од првите сценарија што Ким го напишала било поздрав за корисниците кога се враќаат дома, со цел да се почувствува како „најтоплото добредојде на светот“: „Бабо, каде беше? Те чекав цел ден. Следниот пат кога ќе излезеш, те молам поведи ме со себе!“

Изработена од меки материјали налик на перница, куклата исто така упатува спонтани барања, бара од корисниците да ја потапкаат по главата, да ја држат за рака или да споделат грицки со неа, иако не може да јаде.

Ликот на Хјодол е дизајниран да биде зависен од својот корисник, бидејќи многу постари Корејци поминале цел живот работејќи напорно за да ги издржуваат своите семејства.

О Сун Хва, медицинска сестра која ѝ ја препорачала куклата на Банг, вели дека видела како значително ја ублажува депресијата кај постарите лица што живеат сами.

Сепак, таа е загрижена дека технологијата би можела дополнително да го намали човечкиот контакт, бидејќи членовите на семејството можеби поретко би ги посетувале своите родители ако сметаат дека уредите со вештачка интелигенција веќе се грижат за нив.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот