ВИДЕО | Купиле црква стара повеќе од 150 години, па откриле тајна просторија
Лорен Гундерман и нејзиниот партнер од Њујорк, кои неодамна купиле црква изградена во 1872 година со намера да ја претворат во луксузен простор за свадби и настани, наишле на необично откритие. При реновирањето забележале мистериозна просторија скриена високо во објектот, до која не можеле да пронајдат пристап, а нивната приказна брзо го привлече вниманието на илјадници луѓе на социјалните мрежи, кои на шега почнаа да ја споредуваат со заплет од хорор филм, пренесува „Јаху“.
Препорачано
Преуредуваат црква од 19 век
Гундерман и нејзиниот партнер уште од самиот почеток знаеле дека ги очекува голем предизвик кога ја купиле црквата од 19 век. Нивниот план е историската градба, некогашна презвитеријанска црква во Вотервил, да ја претворат во луксузен простор за свадби и разни настани под името „Статели на Мејн“.
Но, зградата изградена во 1872 година крие бројни необичности, а една од нив во последните денови особено го привлече вниманието на нивните следбеници.
Лорен на социјалните мрежи објавила видео во кое покажува простор скриен високо во таванскиот дел на објектот и признала дека нема претстава како да стигне до него.
„Како, по ѓаволите, ќе влеземе во оваа мистериозна просторија?“, ги прашала таа своите следбеници.
Неуспешна потрага
Парот отстранил неколку даски и се обидел да погледне во внатрешноста со камерите од своите мобилни телефони, но не успеале да ја пронајдат мистериозната просторија.
„Еве уште еден обид да влеземе во таинствената просторија во мојата црква од 1872 година! Во ова видео се обидуваме да го пронајдеме просторот за кој мислиме дека се наоѓа зад двата прозорци што се гледаат однадвор. Бевме убедени дека ќе стигнеме до него ако го пробиеме подот, но наместо тоа наидовме на… уште еден под“, напишала Лорен покрај видеото.
Мистеријата можеби е решена
Иако сѐ уште не успеале да влезат во просторот, Лорен верува дека конечно добиле објаснување за неговото постоење.
„По бројните коментари од луѓе кои се разбираат во оргули, дознав дека прозорците најверојатно биле затворени со даски од просторијата каде што се наоѓаат оргулите, откако системот бил електрифициран. Не сакам да ги допирам цевките на оргулиот инструмент, па можеби никогаш нема со сигурност да дознаеме што навистина се наоѓа таму“, објаснила таа.
Следбениците убедени дека станува збор за хорор приказна
И покрај сосема логичното објаснување, многу корисници на социјалните мрежи продолжиле да се шегуваат на сметка на необичната просторија.
„Значи, купивте стара црква со просторија затворена со даски и првото нешто што ви паднало на ум било како да влезете внатре? Таму сигурно спие некој демон“, напишал еден корисник.
„Само момент. Купивте стара црква, пронајдовте целосно затворена и запечатена просторија и веднаш посакавте да влезете? Нема шанси. Осветете го тоа место и надевајте се дека сѐ што е внатре ќе остане внатре“, напишал друг.
Еден коментатор кратко порачал:
„Запалете ја, очигледно внатре има дух.“
Друг, пак, заклучил:
„Ова изгледа како вовед во хорор филм.“


