ВИДЕО | Мистерија стара 350 години: Телото на познатиот мускетар Д’Артањан пронајдено под холандска црква?
Повеќе од 350 години по смртта на легендарниот француски мускетар Д’Артањан, археолозите можеби конечно го пронашле неговото тело под црква во Холандија, пишува Би-би-си.
Препорачано
Јос Валке, ѓакон во црквата „Свети Петар и Павле“ во Мастрихт, помогнал во ископувањето на скелетот за кој експертите се 99 отсто сигурни дека му припаѓа на Шарл де Батс де Кастелмор, подоцна познат како Д’Артањан или Гроф Д’Артањан, близок соработник на францускиот крал Луј XIV.
Д’Артањан бил убиен во 1673 година во текот на опсадата на Мастрихт, но станал бесмртен благодарение на Александар Дима и неговиот роман „Тројцата мускетари“.
Долго време се верувало дека неговото тело е погребано во црквата, но немало докази за тоа.
Никој досега не копал под подот на црквата во Мастрихт, но кога неколку плочки се оштетиле, било одлучено да се испита случајот, рекол Валке за Би-би-си.
View this post on Instagram
Прво го пронашле ѕидот и со четката почнале да копаат понатаму. Вим Дајкман, пензиониран археолог од Мастрихт, кој поминал 28 години барајќи го последното почивалиште на мускетарот, бил повикан во црквата „Свети Петар и Павле“ во градскиот кварт Волдер откако ѓакон Валке го информирал дека е пронајден скелет. Тој го открил скелетот под местото каде што пред 200 години стоел олтарот.
„Сите замолкнавме кога ја пронајдовме првата коска“, рекол Валке.
Тој додал дека неколку знаци укажуваат дека коските му припаѓаат на познатиот историски херој.
„Тој бил погребан на свето место под олтарот, го пронајдовме куршумот со кој бил убиен и паричка од 1660 година во неговиот гроб, а таму ја ставил епископот кој присуствувал на мисата за Кралот на Сонцето (како што го нарекувале Луј XIV)“, додал Валке.
Скелетот бил отстранет од црквата и сега се наоѓа во археолошкиот институт во Девентер.
ДНК примерокот земен од скелетот на 13 март моментално се анализира во лабораторија во Минхен. Потоа ќе биде спореден со ДНК примероци од потомци на таткото на Д’Артањан за да се види дали постои совпаѓање.
Дајкман рекол дека иако го разбира вниманието на медиумите што ќе го добие евентуалното откритие, со нетрпение ги очекува лабораториските резултати.
„На крајот на краиштата, ова е неверојатно возбудлива приказна. Станува збор за најпознатата личност поврзана со Мастрихт. Јас секогаш сум многу претпазлив, јас сум научник, но моите очекувања се високи“, изјавил тој за медиумите.
„Веќе 28 години го истражувам гробот на Д’Артањан. Ова би можело да биде круната на мојата кариера“, рекол Дајкман.
Се верува дека славниот витез загинал кога бил погоден од зрно од пушка мускета, додека се обидувал да го спроведе планот на Луј XIV за освојувањето на Мастрихт.
Француската војска одлучила неговото тело да биде кремирано во средината на летото, а воениот камп бил поставен во близина на црква во населбата Валдер, југозападно од Мастрихт.
Иако ликот на Д’Артањан во приказната на Александар Дима бил инспириран од оваа историска личност, тројцата мускетари во неговото дело се измислени ликови, но можеби настанале по пример на елитните војници кои во тоа време го придружувале кралот.


