ВИДЕО | Не, не носи кармин, оваа риба едноставно така изгледа
Рибата-лилјак со црвени усни (Ogcocephalus darwini) е необичен морски вид кој живее во водите околу Галапагос, група острови во Тихиот Океан што припаѓаат на Еквадор. Се одликува со специфичен изглед и прилагодувања кои ѝ овозможуваат да опстане на морското дно.
Препорачано
Со својот постојано намуртен израз и со усна форма која изгледа како лошо нанесена шминка, оваа риба стана вистински хит на интернет токму поради својот „нервозен“ изглед. Но, изгледот не е единствената чудна работа кај неа. ова суштество буквално одбива да биде обична риба.
Пливање? Не, фала
Иако живее на дното на Тихиот Океан, оваа риба е лош пливач. И наместо да се мачи да ги мрда перките за да плива, таа едноставно „пешачи“.
Нејзините градни и стомачни перки низ еволуцијата толку многу се модифицирале, што денес изгледаат и служат како мали нозе. Рибата-лилјак буквално си шета по морското дно со чекор кој потсетува на жаба.
Зошто и се толку црвени усните?
Нивните светлоцрвени, речиси флуоресцентни усни се нивниот заштитен знак. Научниците и морските биолози сè уште дебатираат за точна причина за овој „моден детал“, но главната хипотеза е дека оваа впечатлива боја им помага на рибите полесно да се препознаат и привлечат меѓу себе за време на парењето.
И додека усните привлекуваат внимание, остатокот од нејзиното тело во светлокафеава и сива боја служи како совршена камуфлажа. Таа може да ја менува нијансата за да се „спои“ со песокот и карпите на дното, па од заседа, сосема мрзливо, да ги лови своите жртви, главно мали ракчиња, црви и мекотелци.
Лов со помош на вградена „светилка“
Како вистински мрзливец, таа не „трча“ по храната (бидејќи, не знае да плива). Наместо тоа, на врвот на главата има специјален израсток кој лачи светлина и служи како мамец. Сè што треба да направи е да легне на песокот, да изгледа луто и да чека некоја наивна рипка или ракче да се доближи до светлината, по што едноставно ја „вшмукува“ во својата голема уста.


