Фото: Скриншот/Јутјуб

Како песна стара 15 години стана неофицијална химна на Босна и Херцеговина пред Светското првенство?

Песната „I’m from Bosnia, Take Me to America“ (во превод: „Јас сум од Босна, води ме во Америка“), која деновиве одекнува на стадионите и во навивачките прослави низ Босна и Херцеговина, не е создадена како фудбалска химна. Напротив, станува збор за нумера стара околу 15 години која неодамна доби сосема ново значење благодарение на историскиот пласман на босанската репрезентација на Светското првенство.

Откако Босна и Херцеговина ја совлада Италија во финалето на баражот и обезбеди место на Мундијалот, илјадници навивачи во Зеница и Сараево ја пееја токму оваа песна, која за кратко време стана неофицијална химна на „змејовите“, пишува „Дојче веле“.

Нумерата првично била објавена под насловот „USA“ од босанската група „Дубиоза колектив“ на албумот „Wild Wild East“ во 2011 година. Според басистот Ведран Мујагиќ, песната ја раскажува приказната за човек од Балканот кој заминува во странство во потрага по подобар живот и таканаречениот американски сон.

„Кога ќе се соочи со реалноста на иселеничкиот живот, сфаќа дека ни таму не е сè совршено и одлучува да се врати дома, бидејќи домот сепак е дом“, објаснил Мујагиќ.

Од концертна песна до навивачки хит

Со години песната беше редовен дел од концертите на „Дубиоза колектив“, сè додека навивачите не почнаа спонтано да ја пеат за време на бараж-натпреварите за Светското првенство.

Членовите на групата биле изненадени кога за време на полуфиналниот дуел со Велс забележале огромен транспарент со натписот „Јас сум од Босна, води ме во Америка“.

Во тој момент, идејата за пласман на Светското првенство сè уште изгледаше далечна, но по победата над Велс и триумфот против Италија, песната стана симбол на навивачката еуфорија.

Нејзината популарност дополнително порасна кога дел од репрезентативците упаднаа на прес-конференцијата на селекторот Сергеј Барбарез и почнаа да ги пеат познатите стихови.

Снимена е и нова навивачка верзија

Неколку дена по историскиот успех, Дубиоза колектив реши да сними нова верзија на песната, прилагодена на фудбалската атмосфера и емоциите што ги донесоа квалификациите.

За разлика од оригиналот, кој бил целосно на англиски јазик, новата верзија во најголем дел е на босански и содржи бројни навивачки пораки, како и алузии на болните моменти од минатото.

Меѓу нив е и стихот за поништениот гол на Един Џеко против Нигерија на Светското првенство во 2014 година, за кој многу босански навивачи и денес сметаат дека бил неправедно поништен.

Фото: Скриншот/Јутјуб

Хит и надвор од Балканот

Иако новата верзија е претежно на босански јазик, песната успеа да привлече внимание и надвор од регионот.

Мујагиќ смета дека причината е едноставна – видеоспотот прикажува обични луѓе како играат маалски фудбал, прават скара и се дружат, сцени кои лесно ги препознале и луѓе од други делови на светот.

Особено голем интерес предизвикала во Јужна Америка, каде што многумина во атмосферата од видеото препознале сличности со своите населби и секојдневниот живот.

Од песна за иселувањето и потрагата по подобар живот, „Јас сум од Босна, води ме во Америка“ денес е симбол на фудбалската гордост и една од најпрепознатливите песни поврзани со новата генерација на босанската репрезентација.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот