Гордон Ремзи со Бруклин и Дејвид Бекам во 2011 година / Фото: Profimedia

Гордон Ремзи му порача на Бруклин Бекам: „Еден ден ќе ги немаш мајка ти и татко ти“

Познатиот британски готвач Гордон Ремзи изјави дека верува оти времето ќе помогне во надминување на семејниот раздор меѓу Дејвид Бекам, Викторија Бекам и нивниот син Бруклин.

Во интервју за британскиот таблоид „Сан“, Ремзи, долгогодишен пријател на семејството Бекам, ги опиша Дејвид и Викторија како „добри родители“, нагласувајќи дека односот меѓу таткото и синот е „многу, многу длабок“.

Семејната тензија изби во јавноста по серија објави на Бруклин Бекам на Инстаграм во јануари, по месеци шпекулации за конфликт. Тој тогаш изјави дека не сака „помирување“ со своето семејство и изнесе низа тврдења поврзани со неговата свадба со американската актерка Никола Пелц, ќерка на милијардер. Семејството Бекам досега официјално не одговори на обвинувањата.

Едно од најконтроверзните тврдења на Бруклин беше дека неговата мајка „го презела“ првиот танц на свадбата, кој, според него, бил однапред договорен со романтична песна. Тој тврдеше дека се чувствувал непријатно и понижено.

Од друга страна, извештај на британски „Вог“, чии новинари присуствувале на свадбата, наведува дека Бруклин ја поканил мајка си на сцената за танц, по што им се придружиле и Дејвид и нивната 10-годишна ќерка Харпер.

Ремзи, кој исто така бил гостин на свадбата, категорично изјави дека ништо „сочно“ или „несоодветно“ не се случило.

„Односот меѓу Дејвид и Бруклин е многу длабок и знам колку Дејвид го сака својот син“, изјави тој, додавајќи дека верува оти е „само прашање на време“ кога ситуацијата ќе се смири.

Готвачот откри дека разменил пораки со Бруклин и дека го сака, но посочи дека младиот Бекам е решен да стои „на сопствени нозе“. Сепак, го предупреди да има предвид дека „еден ден нема да ги има мајка си и татко си“.

Ремзи зборуваше во пресрет на премиерата на неговиот нов документарец на Нетфликс, „Да се биде Гордон Ремзи“ (Being Gordon Ramsay).

Дејвид Бекам директно не ја коментирал семејната расправија, но во јануари, зборувајќи општо за социјалните мрежи, изјави дека децата „имаат право да прават грешки“.

Дали ќе ги предаде мајка му и татко му? Бруклин Бекам доби понуда за книга во која би ги открил семејните тајни

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот