Светската премиера ќе се одржи во Њујорк

Филм на Дина Дума направи пробив на американската независна филмска сцена

Македонскиот долгометражен игран филм „Скејтбордингот не е за девојчиња“ во режија на Дина Дума, поддржан од Агенцијата за филм, ќе ја има својата светска премиера на престижниот Трајбека фестивал во Њујорк.

Филмот на Дина Дума ќе биде прикажан во една од главните и најреномирани натпреварувачки селекции на фестивалот „Narrative Competition“. Влезот во оваа селекција значи дека филмот е меѓу внимателно одбраните авторски остварувања од целиот свет, кои се натпреваруваат за највисоките признанија. Со оваа премиера, филмот го започнува својот меѓународен фестивалски живот на една од највлијателните сцени за современ независен филм.

„Светската премиера на филмот на Трајбека фестивал (Tribeca Festival) претставува значаен успех за македонската кинематографија и потврда за квалитетот и автентичноста на новата генерација автори“, истакнува директорот на Агенцијата за филм, Сашко Мицевски, додавајќи дека „со ова остварување продолжува успешниот пробив на македонските филмови на американската сцена, по ‘Медена земја’ и ‘Диџеј Ахмет’ на Санденс филм фестивал.“

Филмот „Скејтбордингот не е за девојчиња“ е копродукција меѓу Македонија, Белгија, Словенија и Хрватска, во продукција на „Сестри и брат Митевски“. Филмот ја следи приказната за три генерации жени кои се соочуваат со судирот помеѓу традицијата и современите предизвици, раскажана низ перспективата на 12-годишната Адела, сместена во енергичната ромска заедница во Шуто Оризари.

Прес-конференција за филмот „Скејтбордингот не е за девојчиња“

„Оваа приказна ми беше важна затоа што сакав да го прикажам светот на три генерации жени кои живеат помеѓу тежината на традицијата и потребата за промена. Ме интересираше како младите денес наоѓаат свои мали простори на слобода, дури и во средини каде општествените правила се многу силни“, објаснува режисерката Дина Дума.

Тензијата во филмот произлегува од судирот со традиционалните вредности и општествената маргинализација, додека ликовите се борат за опстанок, достоинство и заедништво.

„Учеството на филмот на Трајбека фестивал е големо признание и потврда за неговата искреност и автентичност. Како продукција, продолжуваме да создаваме филмови кои храбро ги отвораат општествените и родовите прашања и ја носат реалноста без компромис“, истакнува продуцентката Лабина Митевска.

Главните улоги ги толкуваат Ефќар Абаз, Џефрина Јашари, Симонида Селимовиќ и Ганимед Абдула. Сценариото е на Дина Дума, во соработка со Лидија Мојсовска и Теона Стругар Митевска, директор на фотографија е Фредерик Ноaром, а продуцент е Лабина Митевска.

Проектот е финансиски поддржан од Агенцијата за филм, како и од националните и регионални фондови на Белгија, Словенија и Хрватска, и фондовите „Еуримаж“ и „Медиа“. Со оваа селекција, „Скејтбордингот не е за девојчиња“ претставува уште едно значајно признание за македонската кинематографија и силен исчекор на новата генерација македонски филмски автори на светската сцена.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот