Три рецепти за летна манџа, омиленото јадење во топлите денови
Постојат многу начини на кои можете да приготвите летна манџа. Најчестата комбинација се пиперки и домати, но тоа не значи дека не можете да додадете и ориз, јајца, сирење и многу други зеленчуци. Пробајте ги овие три рецепти за летна манџа и одберете го вашиот омилен!
Препорачано
Рецепт број 1
Состојки:
– 1/2 кг пиперки
– 1/2 кг домати
– 2 поголеми главици кромид
– 2 чешниња лук
– 2 јајца
– врзоп магдонос
– сол, бибер и зачини по вкус
Подготовка:
Кромидот се динста на малку масло, па се додаваат лукот и пиперката, а потоа и доматите. Кога сето тоа ќе биде готово, се додаваат јајцата и зачините. Сѐ убаво се промешува и се остава уште малку да крчка.
Совет: Со оваа летна манџа задолжително се јаде бело сирење и палента.
Рецепт број 2
Состојки:
– 3 поголеми главици кромид
– 1/2 кг пиперка
– 1 кг домати
– 1 поголем модар патлиџан
– 2 грста ориз
– сол, бибер, оригано
– масло
Подготовка:
На масло се динста кромидот, па се додава пиперката. Кога пиперката ќе омекне, се додава модриот патлиџан, излупен и исечкан на коцки, а по 5 минути се додаваат и доматите исечкани на коцки. Сето тоа се динста 20-ина минути, а потоа во смесата се додава измиениот ориз. Температурата се намалува на минимум, па се остава летната манџа да се крчка уште 5 минути, но поклопена со капак. Се додаваат сол, бибер и оригано, па сѐ убаво се промешува.
Совет: Со оваа летна манџа се јадат домашни колбаси.
Рецепт број 3
Состојки:
– 1 главица кромид
– 1/2 кг пиперки
– 1/2 кг домати
– 1 луто пиперче
– сол и бибер
Подготовка:
Се динста кромидот на малку масло, се додаваат пиперките и лутото пиперче, доматите, па сето тоа се крчка неколку минути. Потоа, се тргнува од рингла и летната манџа се послужува чорбеста со препечен леб.


