Фото: X / Morski.hr / скриншот

Тројца Чеси загинале во судирот на брод и едрилица во Јадранот, се трага по телото на четврта жртва

Тројца луѓе загинаа, а по еден сè уште се трага, по тешката поморска несреќа што денеска се случи во водите меѓу хрватските острови Шолта и Брач, јави „Индекс.хр“. Според полицијата, несреќата се случила околу 11:38 часот, кога се судриле брз патнички брод катамаран и едрилица.

Медиумите јавуваат дека жртвите се чешки туристи.

Од полицијата соопштија дека четворица други луѓе биле спасени и им била укажана медицинска помош на местото на несреќата, без потреба од болничко лекување. Истрагата за несреќата е во тек.

Катамаранот „Крило Норд“ сообраќал на линијата Сплит-Брач. Во моментот на судирот пловел кон островот Брач. По судирот, едрилицата потонала, а на местото веднаш биле испратени екипи на поморската полиција, пристанишните власти и службите за итни интервенции. Во акцијата за спасување и потрага се вклучиле и други пловила кои во тој момент се наоѓале во близина.

Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ денес изрази искрено сочувство до семејствата на тројцата чешки државјани кои загинаа, а упати сочувство и до чешкиот премиер Андреј Бабиш.

Точните околности под кои се случила несреќата засега не се познати. Капетанот на Пристанишната управа во Сплит, Жељко Куштера, соопшти дека дрон на крајбрежната стража на хрватската морнарица ќе ја провери едрилицата што потона на дното по судирот со катамаран во неделата.

Судскиот експерт за поморски работи Дамир Вишиќ изјави дека е прерано да се извлекуваат заклучоци за причината за сериозната поморска несреќа, бидејќи властите сè уште собираат податоци.

– Брод пократок од 20 метри мора да избегнува поголеми бродови на водни патишта и тесни канали. За тоа зошто се случи ова, до нас стигнаа премалку информации. Можеби имало технички дефект – изјави Вишиќ за ХРТ.

Катамараните се поголеми и брзи бродови за превоз на неколку стотици патници. Моделот „Крило Норд“ е долг 41 метар и има капацитет од 267 луѓе.

Драма во близина на Сплит: се судрија катамаран и едрилица, има исчезнати

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот