Треба да се расчистат многу детали за договорот меѓу Иран и Америка, вели Венс
Многумина републикански сенатори, кои вчера се вратија во Вашингтон, изјавија дека сè уште има многу неодговорени прашања за договорот и дека им се потребни детални брифинзи пред тој да биде финализиран.
Американскиот потпретседател Џеј Ди Венс изјави дека со Иран сè уште треба да се расчистат голем број прашања, додека, пак, многу републиканци изразија скепса за договорот што Доналд Трамп го постигна оваа недела и побараа Белата куќа да објави повеќе информации за него, објави „Гардијан“.
Препорачано
Меморандумот за разбирање, објавен во неделата, со кој треба да заврши војната со Иран, а чие свечено потпишување е закажано за петок во Женева, е насочен кон повторно отворање на Ормускиот Теснец и кон укинување на американската поморска блокада во регионот, заедно со финансиски стимулации за Иран доколку исполни одредени услови.
Во интервју за „Си-ен-ен“ вчера, Венс го нарече документот „многу општ“, додавајќи дека деталите од договорот допрва треба да се разработат во натамошните преговори.
— Меморандумот е долг околу една страница. За голем број прашања ќе мора да ги разработиме работите во фазата на технички преговори — рече Венс.
Неговите коментари дојдоа во момент кога многумина републикански сенатори, кои вчера се вратија во Вашингтон, изјавија дека сè уште има многу неодговорени прашања за договорот и дека им се потребни детални брифинзи пред тој да биде финализиран.
— Едноставно не знам доволно за тоа. Дури и луѓето овде што внимателно ги следат овие работи не знаат многу за него — им рече на новинарите во Капитолот републиканецот Џон Тун.
Лидерите во Конгресот и разузнавачките комисии генерално добиваат брифинзи со повисоко ниво на разузнавачки информации пред обичните членови, а се известуваат и за големи случувања пред тие да бидат јавно објавени. Но, Тун, кој е лидер на мнозинството во Сенатот, рече дека лично не бил брифиран за договорот.
— Мислам дека, според она што го разбирам за тоа што содржи, и повторно, без да сум видел што било, прашањата ќе бидат усогласеноста и како ќе се спроведува тоа — рече Тун.
Загриженоста на Тун ја повторија и неколку други републикански сенатори.
— Ако е таен договор, тогаш како можам да го сфатам сериозно? — праша Том Тилис од Северна Каролина.
Америка и Иран ќе го потпишат договорот за крај на војната на 19 јуни во Швајцарија
Трамп досега не објаснил како договорот со Иран ќе ја опфати нуклеарната програма на Техеран, ниту, пак, кој ќе ја проверува неговата усогласеност со преземените обврски. Не е јасно ни што ќе се случи со високо збогатениот ураниум, за кој се верува дека е закопан под оштетените нуклеарни постројки.
Меморандумот предвидува можност за ослободување замрзнати ирански средства, олеснување на санкциите и фонд од 300 милијарди долари за обнова, но само ако Иран исполни одредени услови.
Џеј Ди Венс рече дека парите би ги обезбедиле соседните заливски држави и дека Иран нема да добие ништо без исполнување на обврските.
Републикански сенатори, меѓу кои Џон Тун и Линдзи Греам, бараат повеќе детали и увид во документот.
Тун предупреди дека клучни прашања се контролата и спроведувањето, а Греам порача дека Конгресот треба да го разгледа договорот пред да се изјасни.
Венс ги повика републиканците „да не ѝ веруваат на иранската пропаганда“.
Америка и Иран ќе го потпишат договорот за крај на војната на 19 јуни во Швајцарија


