ВИДЕО: Дрон падна во рускиот Краснодарски Регион, се запали складиште со нафта
Остатоци од дрон предизвикаа пожар во нафтено складиште во јужниот руски Краснодарски Регион, соопштија локалните власти, додавајќи дека е затворен локален пат што ја поврзува оштетената област со Кримскиот Полуостров, пренесува Ројтерс.
Препорачано
„Нема жртви во пожарот во нафтеното складиште, кое се наоѓа во областа Полтавскаја во Краснодарскиот Регион“, соопштија властите во објава на Телеграм.
Властите наведоа дека го затвориле локалниот пат што ја поврзува областа со регионалната сообраќајница која води кон мостот преку Керчкиот Теснец, што го поврзува Крим со Краснодарскиот Регион.
Москва го изгради мостот, кој стана важна рута за снабдување на црноморскиот полуостров, заедно со неколку други патишта од блиските делови на Украина под руска окупација, откако Русија го презеде Крим во 2014 година.
Украина засега не соопшти дали се работи за напад со нивни дронови.
Русија: Соборивме пет украински дронови
Во меѓувреме, градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин, изјави дека руската противвоздушна одбрана во текот на ноќта соборила пет украински дронови што летале кон руската престолнина.
Рускиот регулатор за цивилно воздухопловство „Росавијација“, соопшти дека се воведени привремени ограничувања во работењето на московските аеродроми „Домодедово“ и „Жуковски“.
Украина вчера погоди два моста што го поврзуваат делот од украинската Херсонска област под руска контрола со Крим. Полуостровот веќе се соочуваше со криза со гориво откако Киев неодамна ги засили нападите врз снабдувачките рути кон Крим.
Во самиот Краснодарски Регион, популарна летна туристичка дестинација, нарушувањата во снабдувањето со гориво предизвикаа панично купување, изјави регионалниот гувернер минатата недела, додека Украина продолжува да ги таргетира руските енергетски капацитети.
Во Јарославскиот Регион, североисточно од Москва, властите продолжија со напорите за гаснење на пожарот во складиште за гориво во градот Рибинск по напад со дрон во неделата, соопшти регионалниот гувернер Михаил Евраев на Телеграм доцна во понеделникот.
Во објавата се наведува дека биле ангажирани специјалните служби за справување со „врнежи што содржат остатоци од производи на согорување“.
„Според експертите, овие остатоци се обична саѓа и не претставуваат опасност за растенијата или за земјоделството“, изјави Евраев, додавајќи дека во блиското Рибинско Езеро на реката Волга биле поставени специјални пловечки заштитни бариери за да се спречи загадување.
Русија изврши бран напади врз Украина, загинаа девет луѓе — оштетен е Манастирот на пештерите


