Бз автобуски превоз/ Фото: Град Скопје

БРТ од најлош проект „преку ноќ“ стана најзначаен за модернизација на јавниот превоз во Скопје

Проектот за БРТ беше презентиран и започна да се реализира во времето на Петре Шилегов и доколку во изминатите години не беше блокиран најпрво од градоначалничката Данела Арсовска која дојде на функција со поддршка на ВМРО-ДПМНЕ, а потоа и од советниците на оваа партија, досега веројатно ќе беше реализиран и скопјани нема да се соочуваа со ова што денес се нарекува јавен градски превоз

Најкритикуваниот проект од ВМРО-ДПМНЕ за решавање на градскиот превоз во Скопје, брзиот автобуски превоз или популарно наречен БРТ, за актуелната власт и за градоначалникот Орце Ѓорѓиевски е еден од најзначајните инфраструктурни зафати за модернизација на јавниот превоз и унапредување на мобилноста во главниот град.

Владата го одобри договорот за негова имплементација, а Ѓорѓиевски посочи дека овој концепт овозможува побрз, сигурен и предвидлив превоз, значително намалување на метежот и на времето на патување, како и намалување на загадувањето, што го прави клучен чекор кон поодржливо и поеколошко Скопје.

 Со овој договор прецизно се утврдуваат правата, обврските и меѓусебната координација помеѓу Министерството за финансии, Министерството за транспорт и врски и Град Скопје во текот на целокупната имплементација на проектот. Договорот ги регулира механизмите за управување со средствата од заемот на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), формирањето и функционирањето на Единицата за имплементација на проектот, како и обврските за навремено обезбедување на сите административни, технички и финансиски предуслови – рече градоначалникот.

Скопјани нема наскоро да добијат ни нови автобуси, ни БРТ превоз – советниците не ги изгласаа одлуките

Тој објасни дека средствата од заемот на ЕБОР, во износ од 70 милиони евра, ќе се пренесат на Град Скопје како неповратни средства и ќе се користат исклучиво за реализација на проектот и посочи дека договорот за имплементација е веќе одобрен и од Европската банка за обнова и развој.

Ова ќе овозможи започнување со конкретни активности на терен – од јавни набавки и техничка подготовка до реализација на инфраструктурните работи – вели Ѓорѓиевски.

Проектот за БРТ беше презентиран и започна да се реализира во времето на Петре Шилегов и доколку во изминатите години не беше блокиран најпрво од градоначалничката Данела Арсовска која дојде на функција со поддршка на ВМРО-ДПМНЕ, а потоа и од советниците на оваа партија, досега веројатно ќе беше реализиран и скопјани нема да се соочуваа со ова што денес се нарекува јавен градски превоз.

Откако прекина „љубовта“ помеѓу Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ, градоначалничката одеднаш посака имплементација на БРТ, но мнозинството советници од оваа партија и од нивните коалициски партнери речиси три години гласаа против. Нивното образложението беше дека проектот за БРТ не е концептот што го понудиле на изборите и дека граѓаните не гласале за тој концепт, кој според нив е лош, го уништува зеленилото, а покрај тоа трасата минува преку главниот цевковод преку кој Скопје се снабдува со вода.

Пресвртот се случи кога градоначалничката фотелја ја презема Ѓорѓиевски и кога одеднаш лошиот проект стана најдобро решение за превозот во главниот град.

Во меѓувреме 70-те милиони евра од Европската банка за обнова и развој залудно лежеа на сметка, а државата плаќаше пенали на годишно ниво.

Проектот за БРТ останува во „фиока“, заемот непотрошен на сметка, а Скопје без нови автобуси

Колку за потсетување, во април 2021 година државното Собрание го донесе Законот за задолжување на Македонија со заем кај ЕБОР по Договорот за заем за финансирање на проектот „Воведување брз автобуски превоз во Град Скопје“, со кој државата се задолжува кај банката со 70 милиони евра. Во Законот е прецизирано дека заемот се доделува во две транши, првата е во износ од 47.600.000 евра, а втората од 22.400.000 евра. Рокот за отплата на првата, а потоа и на втората транша е 15 години со вклучен грејс-период од четири години. Заемот ќе се отплаќа од државниот буџет.

Во Законот за задолжување се вели и дека државата ќе ѝ плаќа на Европската банка за обнова и развој „провизија за неповлечени средства во висина од 0,5% од заемот на годишно ниво. За износот на неповлечени средства од заемот за првата транша провизијата ќе започне да се пресметува по 60 дена од денот на потпишувањето на Договорот за заем, а провизијата за неповлечени средства за втората транша ќе започне да се пресметува по седум дена од денот на достапноста за користење на втората транша“.

Веднаш потоа Град Скопје, Министерството за финансии и ЕБОР го потпишаа договорот за БРТ, а кон крајот на октомври на веб-страницата на банката беше објавен меѓународниот тендер. Тендерот опфаќаше проектирање и изградба на коридорот на линијата 1 од БРТ, како и изградба на депо во Ново Лисиче и надградба на депото во Ѓорче Петров.

Неколку месеци потоа, само што стана градоначалник, Арсовска со стопираше тендерот.

БРТ е релативно непознат концепт за граѓаните на Скопје. Според анализите што биле изготвени минатата година за потребите на Град Скопје, се укажува на многубројни недостатоци и ризици од проектот, кои ќе имаат влијание врз животната средина, што во никој случај не смее да се дозволи. Како што знаете, во моментов се водат преговори со ЕБРД и по нивното завршување, граѓаните ќе бидат информирани за договореното – соопштија тогаш од Град Скопје.

Оттогаш до сега работите не мрднаа од место.

Актуелниот градоначалник Ѓорѓиевски минатиот месец најави дека БРТ на терен ќе почне да се спроведува во 2027 година, откако претходно ќе се распише тендерска постапка, а дека трасите ќе се продолжат кон Драчево и Радишани и дека нема да биде опфатено средишното зеленило на Партизанска.

Проектот предвидува изградба на две линии во Скопје, едната Исток – Запад и втората Север – Југ, набавка на CNG/хибридни нископодни БРТ-возила, патнички информативен систем, паметни станици, како и интеграција во системот на управување со сообраќајот во Градот – посочи Ѓорѓиевски.

Инаку, проектот за изградба на систем за брз автобуски превоз се подготвуваше две години пред неговата презентација во 2020 година и во него беа вклучени реномираните експерти од универзитетите во Скопје и Битола, Белград, Лондон и Брисел.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот