Скопјани нема наскоро да добијат ни нови автобуси, ни БРТ превоз – советниците не ги изгласаа одлуките

Очигледно е дека уште долго време нема да има никакво подобрување или модернизирање на јавниот градски превоз, автобусите и понатаму ќе бидат нередовни, а граѓаните ќе губат време долго чекајќи на станиците.

Советниците од Град Скопје по којзнае кој пат на денешната седница не го изгласаа предлогот за кредитно задолжување во некоја од домашните банки за набавка на еколошки автобуси, кој на предлог на градоначалничката Данела Арсовска повторно се најде на дневен ред на сеницата. Советниците не дадоа согласност ниту за склучување договор за имплементација на проектот за воведување брз автобуски превоз во Скопје.

За двата предлога не гласаа советниците од сoветничката група на ВМРО-ДПМНЕ, без чии гласови овие предлози речиси нема можност некогаш да бидат усвоени.

На ова експресно реагираа од Град Скопје од каде велат дека советниците на Христијан Мицкоски продолжуваат со блокада на проектите кои се од интерес на граѓаните.

 Се работи за срамна одлука на советниците на ДПМНЕ која доаѓа по директна партиска директива од раководството на партијата. Советниците на Мицкоски уште еднаш покажаа дека партиските и личните интереси ги ставаат пред интересите на граѓаните. Градската администрација нема да се откаже од модернизирањето на возниот парк на ЈСП „Скопје“ затоа што тоа е приоритет кој произлегува од програмата која победи на изборите, програмата „За модерно Скопје”. Работиме на сериозни решенија на надминување на оваа блокада со цел остварување на јавниот интерес, интересот на скопјани – велат од Град Скопје.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот