Проектот за БРТ останува во „фиока“, заемот непотрошен на сметка, а Скопје без нови автобуси
Скопјани да не се надеваат дека во блиска иднина ќе имаат редовен и квалитетен автобуски превоз – советниците повторно не гласаа ниту за нови автобуси, ниту за БРТ, ниту на дневен ред се најде барањето на приватните превозници за зголемување на цената по изминат километар.
Проектот за брз автобуски превоз, односно проектот за БРТ, за чија реализација веќе три години неискористени на сметка лежат 70 милиони евра од Европската банка за обнова и развој, неизвесно е дали некогаш ќе се спроведе во Скопје.
Препорачано
Иако за спроведување на овој проект републичкото Собрание во 2021 година донесе Закон за задолжување со заем кај Европската банка за обнова и развој по договор за заем за финансирање на проектот „Воведување на брз автобуски превоз во Град Скопје“, иако Владата е гарант за негово спроведување, градските советници не дозволуваат Град Скопје да склучи договор за имплементација на проектот.
На денешната седница само 13 советници гласаа за оваа предлог- одлука и покрај укажувањето од стручните служби во Градот дека договорот е законска обврска.
Советникот Гордан Шутаров од СДСМ посочи дека советниците конечно мораат да го слушнат ставот на Владата околу ова прашање и укажа на тоа дека се работи за Закон, кој ако не сега ќе мора да се дикутира и после една година.
Треба да го слушнеме мислењето на Владата дали има намера да го спроведе овој закон. БРТ како проект и како закон ја обврзува оваа Влада и конечно е време да добиеме став од неа во врска со ова прашање. Битно е да се земат во предвид и нашите сугестии. Многу лоши закони се спроведуваат, само БРТ не – рече меѓу другото Шутаров и додаде дека досега требало да има некакви предлози, да се разговара за измени на проектот, за негова реализација, но ништо не се прави.

Колку за потсетување во април 2021 година согласно донесениот Закон, склучени се Договор за заем помеѓу нашата држава, преку Министерството за финасии, и ЕБОР и Проектен договор помеѓу државата и Град Скопје. Согласно член 6 од законот, за регулирање на меѓусебните права и обврски кои произлегуваат од Договорот за заем и Проектниот договор, Министерството за финансии, Министерството за транспорт и Градот Скопје потребно е да склучат Договор за имплементација. Но советниците, досега не дадоа зелено светло да се склучи овој договор.
Со договорот за имплементација на проектот „Воведување на брз автобуски превоз во Град Скопје“, јасно се дефинираат меѓусебните права и обврски на субјектите за време на спроведувањето на проектот, а се со цел обезбедување на негова функционалност и одржливост. Времетраењето на договорот го опфаќа целиот период на имплементација на инвестицискиот проект вклучувајќи го периодот и на известување за дефектите. Град Скопје е краен корисник на проектот и согласно законот има обврска да го имплементира. Средствата од заемот во вкупен износ од 70 милиони евра обезбедени од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) според условите утврдени во Договорот за заем ќе се пренесат на Град Скопје на основа на грант (неповратни средства) и ќе се користат исклучиво за финансирање на проектот – се вели во образложението на предлогот за кој мнозинството советници не гласаа ниту на денешната седница.
Веќе вообичаено, не се изгласа ниту предлогот за набавка на нови автобуси, што беше очекувано особено по скорешната најава на премиерот Христијан Мицкоски дека до крајот на годината Владата ќе распише тендер за набавка на повеќе од стотина електрични автобуси, од кои повеќето ќе завршат на скопските улици.
Во меѓувреме од понеделникот приватните превозници повторно се вратија на скопските улици, но како што самите рекоа привремено и во очекување дека ќе се прифати нивното барање за зголемување на цената за изминат километар.
Но, на седницата ваква иницијатива не се најде на дневен ред, иако претходниот ден била поднесена од советникот Горан Арсов. Како што образложи претседатлот на Советот, Трајко Славески мора да се испочитува процедурата како за секоја друга иницијатива, односно за неа да се добие мислење од градоначалничката Данела Арсовска.
Скопјани денеска не мрзнеа по автобуските станици: До кога ќе возат приватните автобуси?
Откако советничката Ирина Витина обвини дека се манипулира со приватните превозници, Славески посочи дека Советот не манипулира со никого и дека всушност Советот е последна инстанца каде треба да се обратат затоа што ниту ги договарал условите за приватен превоз, нити склучувал договори со нив. Тој посочи дека приватните превозници со месеци не возат редовно, а за истото тоа градоначалничката пред две години им ги прекина договорите. Славески потсети и дека на последната вонредна седница Арсовска изјавила дека нема да им се исплаќа нешто што не го сработиле, затоа што тие подолго време не возат.
Седницата на Советот уште еднаш покажа дека скопјани немаат на што подобро да се надеваат во блиска иднина, барем што се однесува до јавниот превоз.
Приватните превозници кои во понеделникот со своите автобуси масовно се вклучија во јавниот градски превоз, во текот на денешниот ден веќе поретко се среќаваа во сообраќај. Како ќе биде во наредните денови не се знае, затоа што и тие во очекување да се излезе во пресрет на нивните барања не можат конкретно да кажат дали и до кога ќе возат според сегашните услови.
Како што дознаваме, наместо да возат низ Скопје, пред малку со автобусите се упатиле кон Град Скопје да го изразат своето незадоволство од денешната седница.


