Градот ќе распише тендер за БРТ до крајот на годината, трасите ќе се продолжат кон Драчево и Радишани
Тендерската постапка за системот за брз автобуски превоз (БРТ) во Скопје ќе биде распишана во втората половина од 2026 година, а реализацијата на терен се очекува да започне во 2027 година, изјави вчера градоначалникот Орце Ѓорѓиевски во интервју за Радио Слободна Европа.
Препорачано
Градоначалникот истакна дека по тримесечна постапка е одблокиран процесот со Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), со што, како што вели тој, се овозможува повторна активација на овој проект, наследен од ексградоначалникот Петре Шилегов, чија верзија, како што вели Ѓорѓиевски, ќе биде ревидирана и проширена.
Претходно, во 2020 година ЕБОР одобри заем од 70 милиони евра за воведување на БРТ во Скопје, а проектот предвидуваше две линии: една линија исток–запад од Ѓорче Петров до Ново Лисиче, долга 12,8 километри, и линија север–југ од Бутел – Кисела Вода, долга 10,4 километри.
Потоа, во 2021 година поранешната градоначалничка на Скопје Данела Арсовска со стопираше овој проект, со образложение дека има потреба од ревизија поради технички и правни недоследности.
Како дополнување на основниот проект, Ѓорѓиевски најави проширување на овие траси кон Радишани и Драчево.
„Ние ќе имаме доволно капацитет да го покриеме цело Скопје. Затоа ни треба додавање на тие две траси. Едната е Радишани, едната е кон Драчево, каде што на граѓаните ќе им овозможиме комфорен транспорт од точка А до точка Б и притоа што помалку да користат сопствени автомобили“, изјави Ѓорѓиевски.
На последната прес-конференција, градоначалникот соопшти дека планот е линијата за БРТ да не оди по зеленилото во средишниот дел од булеварите, туку во левата лента од булеварите, оставајќи ги зелените површини недопрени.


