„Ме расплака и ме стаписа“: Сашко Коцев со искрена приказна за смислата на животот
Сашко Коцев откри дека неодамна го расплакала приказната на едно дете кое му раскажало неочекувана приказна.
Препорачано
Актерот гостуваше во емисијата „Да си кажеме“ на „Телма“ и сподели една исклучително емотивна и поучна анегдота поврзана со неговата работа на популарната емисија со деца која ја води на истата телевизија.
Низ разговорот, Коцев се осврна на искреноста на децата и на тоа колку често тие знаат да нè потсетат на вистинските вредности во животот кои возрасните, во трката по материјалното, неретко ги забораваат. Тој раскажа за силниот впечаток што му го оставил одговорот на едно од децата кои гостувале кај него.
„Едно дете Александар, Алек од Гостивар, ме расплака. Го прашувам: ‚Што е за тебе среќа?‘ и тој ми вели: ‚Што е среќа? Како да бидеш среќен?‘ Вели: ‚Па, јас сè имам. Имам татко, имам мајка, имам брат. Не ми треба ништо друго.‘Верувајте, онака ме стаписа. Да, да, ме стаписа… Немаше ништо материјално таму, едноставно: ‚Што ми треба повеќе, мајка, татко и брат.‘ Да се живи и здрави и толку, и тоа е доволно за среќа“, рече Коцев.
Во емисијата „ЛОЛ“ Коцев разговара со деца кои даваат уникатни и искрени одговори на различни теми. Фасцинантни се нивните интелегентни и духовити приказни од секојдневието, а Сашко Коцев на негов впечатлив начин знае да го извлече најинтересното од нив.
Актерот не го криеше своето воодушевување од зрелоста на детето, признавајќи дека овој едноставен, а сепак премоќен одговор го оставил без зборови.
Неодамна, Коцев ги освои симпатиите на јавноста со ново видео, но овојпат, главната улога ја има неговата ќерка Јоана.

Познатиот актер и неговата наследничка се појавуваат заедно во најновата рекламна кампања за една македонска банка, каде што се гледа нивната меѓусебна поврзаност.
Во видеото, Јоана влегува во улога на вешт шминкер, користејќи го својот татко како платно за своите уметнички идеи. Со многу бои, лак за нокти и детска креативност, таа успева целосно да го трансформира Сашко, крунисувајќи го на крајот како вистински крал со хартиена круна.
Сашко, познат по својот хумор, ја сподели рекламата на својот Фејсбук-профил. Тој на шега напиша дека ова што го гледаме на екраните не е само глума за потребите на рекламата.
ФОТО | Сашко Коцев за првпат ја покажа ќерката Јоана, таа е копија на мајка си


