ВИДЕО ИНТЕРВЈУ | Сашко Коцев: Колку повеќе си дете, толку повеќе си уверлив и на филмското платно и во театарот
Миленик на публиката од сите профили и возрасти, Сашко Коцев е еден од најпродуктивните и најдобри актери кај нас. Секогаш актуелен и интересен, за првпат гостуваше во утринската емисија „Слободен печат“, каде што зборуваше за својата љубов кон актерството, културата во нашето општество и улогата на татко во приватниот живот.
Препорачано
Вообичаено Сашко го доживуваат како стенд-ап комичар, кој ја засмејуваше публиката уште кога беше водител на „Златна Буба мара на популарноста“, па оттаму и генералната категоризација дека е „смешен“. Иако тоа не му пречи, тој вели дека тоа е цената на масовните медиуми, кои ги следи народот, за разлика од малубројната публика што доаѓа во театарот или на филмските проекции. Некои луѓе, кои никогаш не го гледале во театар или на филм, често се пријатно изненадени од неговиот раскошен талент, со кој умее да креира многу сериозни и тешки улоги.
– Од 35 филма и серии во кои сум играл, само еден краткометражен и еден долгометражен филм се класични комедии. А од 40-ина претстави, само 7-8 биле комедии. Но, во театарот доаѓа мошне помалубројна публика и нормално е да е така. Сум одиграл многу тешки улоги, како последната во филмот на Вардан Тозија, „М“, каде што особено сум се посветил, сум дал дел од себе и посебно ми значи таа улога. Но ние сепак сме нација, која од една страна, малку ја има загубено кино-културата, а од друга страна, тоа задоволство е малку скапо. Да се отиде во кино за доста семејства бара голем буџет што треба да го одвојат. Но, настрана материјалниот аспект, има и нешто друго што ја победи нашата кино-култура. Прво, тоа е појавата на ВХС-касетите, клубови и пиратерија, потоа дојдоа ДВД-цедињата и на крај онлјан стриминг-сервисите, како Торент, кои го докрајчија киното. Сега го толчат платформите како Нетфликс и ХБО. Затоа, мошне мал број луѓе ќе ги видат тие филмови и ќе ја добијат вистинската слика за актерите – вели Сашко.
Последната негова улога во филмот „М“ на Вардан Тозија е улога на татко, за која вели дека е една од неговите подраги улоги, на која се посветил целосно. Татковството во неговиот приватен живот го сменило начинот на кој ги доживува работите, па и актерството. За работата со деца на филмскиот сет вели дека е тешка, но благородна работа, која исцрпува, но е искрена.
– Во еден момент снимав два големи филмски проекти, едниот беше ТВ-серија во 10 епизоди, „Зоки Поки“ со повеќе деца и во исто време се снимаше и „М“ на Тозија, исто така, со дете. И да бидам искрен, по филмот реков: „Јас со дете никогаш повеќе нема да работам“. Со децата треба да имаш посебен однос, мора да ги избираш зборовите, реакциите. Тоа е како кога играш кошарка со осумгодишно дете, ти не играш навистина со детето, ти се преправаш дека играш. Потсвесно мораш да се спуштиш подолу, што се разбира не се случи во филмот, бидејќи тука е будното око на режисерот, но сепак, тоа ти тежи цело време, те притиска и ти одзема дополнителна енергија. Тоа секако го надминав и сега мислам дека децата се благородни суштества. Кога нешто ќе одиграат пред камерата, тоа нема врска ни со школство ни со образование, тоа е највистинското нешто што излегува од човекот, повистинско од тоа нема. Многу ми помогна татковството, мислам дека и режисерите се свесни за тоа дека татко во приватниот живот би реагирал поинаку од оној што не се реализирал во таа животна улога. Што не значи дека добар глумец не може тоа да го одигра, но сепак, ова е вистинско – вели Коцев за работата со деца.

Реализиран и на театарската сцена, но и на филмското платно, со повеќе од 35 филмски улоги и повеќе од 40 театарски, Сашко нема омилен формат во кој се пронаоѓа како актер. Вели дека еднакво ужива во создавањето на секоја улога, без оглед дали игра пред публиката или филмската камера.
– Јас уживам кога работам и во театар и на филм. За мене сето тоа е работа, тоа е игра. Актерската работа е како детска игра. Како дете кога си игра со нешто што не е камионче, а тоа е убедено дека е камионче. Колку повеќе си дете, толку повеќе си уверлив, и на филмското платно и во театарот. Разликата е само во изразните средства. Во театарот си многу силен и гласен, а на филм е обратно. Иако уживам и во двете, сепак, театарот е мојот храм, мојата ментална хигиена. Таму живее публиката, ти си жив, живи се аплаузите и реакцијата. На филм мора да играш малку во празно и да си замислуваш. За театарот се потребни двајца, тоа е исконски, едниот да гледа, другиот да игра, а на филмот си малку сам, па мора малку да играш за режисерот – вели Сашко.
Коцев во моментот е актуелен со своето стенд-ап шоу „Широк дијафазон“, кое на својата премиера го наполни Македонскиот народен театар до последното место. Со закажани уште три изведби, веројатно е најбрзо распродаден настан што публиката со нетрпение очекува да го види. Мајсторски „спакувани“ 90 минути смеење, за кои Сашко црпи инспирација од целокупното општествено живеење кај нас, со доза критицизам кон „дефектите“ типични само кај нас.
– Во животот, на улица, дома… од кој било дефект, може да се направи ефект. Потоа се прават импровизации. Во стенд-ап има и доста критика, општествена одговорност, која јас гледам да ја вметнам секогаш. На пример, имам една тема што се вика „Само кај нас“. Така, само кај нас, таму каде што има табла „забрането фрлање ѓубре“, има најмногу ѓубре. Не знам како не им текнува на тие од комунална хигиена, прво стави ги таблите и ќе видиш каде народот има најмногу потреба да фрла ѓубре, потоа тргни ги таблите и стави контејнери – вели Сашко.
Целото интервју со Сашко Коцев можете да го погледнете на следниот линк:


