Жичницата пред колапс и покрај редовните технички прегледи — кој ќе одговара?
Како што е познато, досега секој последен вторник во месецот жичницата не работеше поради технички преглед. Од ЈСП засега нема одговори на прашањата како е можно ако редовно се вршеле технички прегледи, сега одеднаш контролорите од „Допелмаер“ да констатираат дека објектот е во катастрофална состојба.
Жичницата од Средно Водно до врвот на Водно ќе остане приземјена на неопределено време, затоа што по проверката што ја направија стручни тимови од австриската компанија „Допелмаер“, која е и изведувач на жичницата, било утврдено дека таа е во катастрофална состојба.
Препорачано
Според градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, „изедени“ биле гумичките па доаѓало до триење на гондолите, не работеле неколку сензори, па од тие причини можело да се случи да се откачи гондола. Сега Град Скопје и ЈСП „Скопје“, претпријатието кое стопанисува со овој објект, ја очекуваат понудата за сервисирање и „дефектажа“ на жичницата, па поради тоа градоначалникот сѐ уште не може да каже колку време нема да работи, но како што вели, штом бидат добиени понудата, цената и временскиот рок, за тоа ќе биде информирана јавноста.
Сето ова, Ѓорѓиевски го соопшти одговарајќи на новинарско прашање на одбележувањето на Денот на Европа. За ваква шокантна информација, која ги загрижи граѓаните, немаше официјално соопштение ниту од Градот ниту од ЈСП, што е безмалку чудно, затоа што претходно јавното сообраќајно претпријатие на својата официјална страница информираше за секое исклучување на жичницата штом дувне посилен ветер.
Последното известување на ЈСП поврзано со ова е од 24 април, откако претходно жичницата не работеше неколку дена поради контролата на „Допелмаер“, дека и наредниот викенд објектот нема да биде во функција поради дополнителни проверки од страна на австрискиот тим. И потоа молк.
Жичницата затворена на неопределено време, Градот чека понуда за нејзино сервисирање
Жичницата „Милениумски крст“, беше пуштена во употреба во јуни 2011 година, има 30 кабини или гондоли, се движи на растојание од 1,6 километри и има капацитет да пренесе 1.200 патници на час. Значи во текот на изминатите 15 години со жичницата до врвот на Водно се превезле неколку милиони граѓани, кои верувале дека таа редовно се одржува и е безбедна за нив и нивните деца.
Според она што го тврди градоначалникот, не било така.
Имавме контрола од страна на компанијата „Допелмаер“, којашто е и изведувач на жичарницата, за првпат откако е поставена во Градот Скопје, во подножјето на Водно, по којашто инспекција е констатирано дека се наоѓа во катастрофално лоша состојба и дека има многу недостатоци кои треба да бидат сервисирани во наредниот период – изјави Ѓорѓиевски.
Но, тој не прецизира кој ги вршел во меѓувреме техничките прегледи, се вршеле ли редовно и ќе има ли одговорност за тоа што жичницата е доведена во состојба каква што тврди дека е, со што била загрозена безбедноста на граѓаните што ја користеле. На овие прашања очекуваме одговори и од Град Скопје и од ЈСП „Скопје“.
Како што е познато, досега секој последен вторник во месецот жичницата не работеше поради технички преглед. Од ЈСП засега нема одговори на прашањата како е можно ако редовно се вршеле технички прегледи, сега одеднаш контролорите од „Допелмаер“ да констатираат дека објектот е во катастрофална состојба.

Се правеле прегледи или не? Имало некакво сервисирање или не? Какви технички зафати се изведувале на жичницата на 12 март, кога ЈСП извести дека привремено нема да биде во функција – сѐ се тоа прашања на кои ЈСП им должи одговор на граѓаните.
Според јавно достапните податоци на Електронскиот систем за јавни набавки од 2023 година до денеска ЈСП „Скопје“ склучило четири договори со специјализирани фирми за технички испитувања. Во 2023, 2024 и последниот во јуни 2025 година се склучени договори за технички преглед на жичницата со Друштвото за технички испитувања, сертификација и технички прегледи „ТЦИ ЕуроЦерт“ ДОО Скопје во вкупна вредност од половина милион денари, секој со времетраење од една година. Во декември пак е склучен договор за испитување на громобранска инсталација на жичницата со друштвото „Индустриски инспекциски сервиси“ ДООЕЛ Скопје.

Значи технички контроли сепак имало, но што и како се контролирало и што се утврдило, не е познато.
За ова побаравме одговор од фирмата што во последните три години вршела технички прегледи „ТЦИ ЕуроЦерт“. На прашањето што било утврдено и дали требало да се направи некое сериозно сервисирање и дали при техничките прегледи е констатирано дека жичницата е безбедна за употреба – одговор нема.
Град Скопје и ЈСП „Скопје“ мора да им објаснат на граѓаните како се дозволило и кој дозволил да биде загрозена нивната безбедност на овој објект и дали се досега извршени договорените технички прегледи за кои се потрошени пари.


