Рецензија на концертот на две хармоники во Струмица: Кога два мева дишат како едно срце
Завршната фестивалска вечер во НУЦК „Антон Панов“, како достојна круна на јубилејното петто издание на „Класика Меѓународен фестивал Струмица 2026“, ни подари ретко доживување: музика која не се слуша, туку се вдишува.
Препорачано
Дуото „Two Bellows“ на брачниот пар Ана Коловска и Александар Коловски не настапи како двајца музичари, туку како едно тело со две дишни мембрани, два мева што создаваат заедничка акустична вселена. Нивната програма беше внимателно обликувана метаморфоза на стилови, епохи и чувства, а секоја композиција природно се прелеваше во следната како река што одамна го знае својот тек.
Во нивната изведба постои нешто што не може да се измери со техника, иако таа е врвна. Постои заемност. Постои доверба. Постои онаа ретка состојба кога двајца уметници не се надополнуваат, туку се продолжуваат еден со друг. Во одредени мигови Ана Коловска се издигнуваше над сцената како космички привид, носејќи звуци што како да не припаѓаат на оваа галаксија, додека Александар со префинета прецизност и внатрешна сигурност го градеше невидливиот архитектонски скелет на секоја музичка мисла. Потоа улогите се менуваа, а музиката остануваше целосна. Тоа е можеби и најточната дефиниција за нивното име: два мева, но еден здив.

Не треба да се заборави дека пред струмичката публика не застана обично концертно дуо, туку ансамбл кој веќе подолго време ги освојува сцените на Европа и светот. Двајцата уметници доаѓаат од врвни европски школи за хармоника, носејќи со себе искуство, дисциплина и музичка култура што денес се препознаваат уште од првиот тон.
Александар Коловски, повеќекратен светски шампион и добитник на престижни меѓународни награди, и Ана Коловска, лауреат на бројни светски натпревари и уметница на која ѝ е доверена светската премиера на „Spleen“ од Франк Анжелис, не ја градат својата репутација врз спектакл, туку врз извонредна музикалност. Нивниот спој на бајан и хармоника создава богат и необичен звучен спектар, а нивниот темперамент, сценска присутност и харизма уште од првиот тон објаснуваат зошто концертните сали ширум светот остануваат исполнети секогаш кога настапуваат. Во нивната интерпретација виртуозноста никогаш не е цел сама по себе, туку средство преку кое музиката ја открива својата најдлабока човечка димензија.
Публиката со видливо уживање ги прифати нивните звучни пејзажи. Срцата во салата пулсираа во ист ритам со мелодиите што се раѓаа и исчезнуваа пред нас. Она што особено радува е фактот дека Струмица полека, но сигурно создава публика која не доаѓа само да присуствува, туку да слуша. Публика што препознава квалитет, суптилност и интерпретативна зрелост.
Токму ваквите фестивалски вечери покажуваат дека локалниот културен простор може да комуницира со највисоките стандарди на европските и светските музички сцени, а воедно спој на две култури и уметност и во програмскиот дел. Настанот беше поддржан од амбасадата на Руската федерација во Скопје.

„Класика Меѓународен фестивал Струмица“ не нуди компромиси, туку хоризонти. А „Two Bellows“ беа потсетник дека врвната уметност секогаш започнува таму каде што завршува демонстрацијата на вештина и започнува љубовта – кон инструментот, кон партнерот на сцената, кон композицијата и кон публиката. Во време на бучава, тие ни подарија слух. Во време на расеаност, ни подарија внимание. И токму затоа нивниот концерт не беше само завршница на фестивалот, туку негов најсилен аргумент.
Автор на рецензијата е Митко Гогов, концептуален уметник, поет и граѓански активист


