Сцена од балетот „Госпоѓа Бовари“ / Фотографија: Национална опера и балет

Балетскиот спектакл во два чина „Госпоѓа Бовари“ ќе има изведба на сцената на Националната опера и балет

На 17 јуни, со почеток во 20 часот, на сцената на Националната опера и балет ќе се изведе балетскиот спектакл „Госпоѓа Бовари“, дело поставено во два чина, инспирирано од безвременскиот роман на Г. Флобер.

Балетот „Госпоѓа Бовари“ ја прикажува внатрешната борба на жената меѓу копнежот по страст и слобода, и стегите на општествените норми – тема која останува актуелна и денес.

Диригент на изведбата е гостинот од Ерменија, Едуард Амбарцумјан, додека кореографијата ја потпишува Виктор Ишчук од Украина, кој со прецизен и суптилен современ израз го доловува духот на 19. век и емотивната комплексност на главниот лик.

Музичката подлога е составена од дела на Камиј Сен-Санс, Морис Равел, Жил Масне, Феликс Менделсон и Георг Фридрих Хендл, со сценографија и костимографија на Андреј Злобин и Гана Ипатиева (Украина). Светло-дизајнот е на Милчо Александров, концерт-мајстор е Јане Бакевски, пијанист – Андреја Наунов, а менаџер на проектот е Киро Павлов.

Во насловната улога на Ема Бовари ќе настапи примабалерината Марија Кичевска Шокаровска, во улогата на Шарл Бовари – Франциско Хименез Руиз, а во улогата на Родолф Буланже – Балаж Лочеи. Во останатите улоги настапуваат Дмитро Чеботар, Ендру Кук и Ангела Богатинова, заедно со солистите, балетскиот ансамбл и оркестарот на Националната опера и балет.

„Госпоѓа Бовари“ претставува балетска интерпретација на едно од најзначајните дела на светската книжевност. Преку внимателно избрана музика, впечатлива кореографија и визуелно раскошна сценска поставка, претставата ја следи емотивната и психолошка драма на Ема Бовари – жена растргната меѓу сопствените соништа, страсти и ограничувањата на средината во која живее. Со современ сценски пристап и силна уметничка експресија, оваа постановка нуди длабоко и возбудливо театарско искуство за публиката, истакнуваат од Националната опера и балет.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот