Иустрација - чекорење / Фото: Pexels

Го правите ли и вие ова? Научниците открија чуден глобален модел во начинот на кој се движиме

Меѓународен тим научници откри дека луѓето низ светот, кога одат без конкретна цел, имаат мала, но постојана склоност да свртуваат налево, односно спротивно од насоката на стрелките на часовникот. Ова откритие отвора важни прашања за длабоките биолошки причини што влијаат врз начинот на кој се движиме, пишува „Саенс алерт“ (Science alert).

Замислете дека шетате низ голем парк или се движите низ толпа на музички фестивал, без однапред одредена рута. Дали почесто би свртеле налево или надесно?

Токму ова прашање си го поставил меѓународен тим истражувачи, откако едно претходно истражување за социјалното дистанцирање за време на пандемијата на ковид-19 неочекувано покажало дека луѓето можеби не се движат толку случајно како што изгледа.

Во новото истражување, научниците се фокусирале исклучиво на свртувањата при движење. Тие го анализирале однесувањето на луѓе од различни возрасни групи, култури и средини.

Резултатите потврдиле јасна склоност кон движење спротивно од стрелките на часовникот, односно кон левата страна. Откако го утврдиле ова, се појавило уште поинтересно прашање – зошто постои ваква тенденција?

Експерименти што ја исклучуваат случајноста

За да ги отстранат можните надворешни влијанија, како што е однесувањето на другите луѓе во толпа, истражувањето било спроведено во Шпанија и Јапонија, две земји со различни општествени и културни навики, вклучувајќи ја и страната по која се вози.

Тестирањата биле изведени и во затворени и во отворени простори, како и со поединци кои се движеле сами.

Во еден од експериментите, 209 лица биле замолени самостојно и слободно да се движат во шестоаголен простор ограничен со маси и столчиња. Така била исклучена секоја можност за влијание од група или толпа. И покрај различните услови, малата, но статистички значајна склоност кон свртување налево останала постојано присутна.

Експериментите биле спроведени во различни земји, со различни групи луѓе и во различни средини, а склоноста кон движење спротивно од стрелките на часовникот секогаш се појавувала.

– Ова беше целосно неочекувано, бидејќи природно претпоставуваме дека луѓето, кога се движат без одредена насока, свртуваат според моменталните потреби, без некаква општа шема – објаснил инженерот Клаудио Феличани, кој во времето на истражувањето работел на Универзитетот во Токио.

– Сепак, постоеше јасна и мерлива тенденција луѓето, кога условите се исти, почесто да свртуваат налево отколку надесно – додал тој.

Биомеханичката асиметрија како можно објаснување

Истражувачите систематски испитале и отфрлиле повеќе можни причини. Утврдиле дека оваа склоност не е поврзана со тоа дали некој е левак или деснак, ниту со доминантната нога, а не зависи ниту од полот.

Единствениот фактор што покажал мала разлика била возраста. Помладите испитаници почесто покажувале склоност кон движење налево, иако студијата не опфатила лица постари од средината на триесеттите години.

Главната претпоставка е дека причината лежи во некаква вродена биомеханичка или невролошка асиметрија. Се смета дека десната мозочна хемисфера, која кај повеќето луѓе има клучна улога во просторната ориентација, може да создава благо предиспонирање за свртување налево.

Со други зборови, причината најверојатно е биолошка.

– Веројатно не станува збор за влијание од очите, бидејќи се обидовме да им го покриеме левото или десното око на испитаниците, а склоноста и понатаму остана присутна – рекол Феличани.

– Некои прашуваа дали можеби станува збор за појави од големи размери, како Кориолисовата сила или магнетното поле на Земјата, но врз основа на досегашните резултати тоа изгледа малку веројатно – додал тој.

Од олимписките патеки до евакуациските рути

Иако на прв поглед ова откритие можеби не изгледа спектакуларно, неговото значење може да биде големо во различни области, од архитектура и урбанистичко планирање до организација на евакуации во итни ситуации.

Аеродромите, музеите, железничките станици, трговските центри и стадионите можат да бидат под влијание на овие суптилни навики во движењето, особено кога има големи групи луѓе. Ако се земе предвид оваа природна тенденција, евакуациските патеки би можеле да се проектираат поефикасно.

Ако ни е поприродно, можеби треба да го следиме тоа

Интересна споредба може да се направи и со спортот. На првите модерни Олимписки игри во 1896 година, тркачите се движеле во насока на стрелките на часовникот. Но, во 1913 година тоа било променето, бидејќи повеќето спортисти сметале дека трчањето во спротивна насока е поприродно.

– Постојат интересни паралели со одредени спортови. Некои трки и велосипедски натпревари речиси секогаш се одржуваат на патеки што се движат спротивно од стрелките на часовникот, иако никој досега не дал јасно објаснување за тоа. Но, тоа е тема за некое идно истражување – рекол Феличани.

Следните чекори во истражувањето, чии резултати се објавени во научното списание „Нејчр комуникејшн“, би можеле да вклучат испитување дали оваа тенденција се задржува и кај постарите луѓе или кај лица со потешкотии во движењето.

Истражувачите предлагаат и користење виртуелна реалност, што би овозможило многу попрецизна контрола на сите сетилни стимули. Тимот сака да провери и дали слична склоност кон движење во одредена насока постои и кај други животински видови. Досега само неколку студии, како онаа за мравки кои истражуваат непознати гнезда, покажале слични обрасци.

– Нашите резултати можеби изгледаат како мало и незначително откритие, но во природата повеќето појави поврзани со движењето покажуваат дека животните најчесто се движат без претпочитана насока. Изразената склоност што ја откривме кај луѓето укажува дека постои одредена асиметрија на биомеханичко ниво – заклучил Феличани.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот