Приказна за играчките - Фото: Инстаграмжfactsdailyy

„Приказна за играчките 5“ го прикажува „ужасот“ од зависноста на децата од екраните и од технологијата, вели актерот Том Хенкс

Во најновото продолжение на „Приказна за играчките 5“ (Toy Story 5), кое излегува кон крајот на овој месец е прикажан еден многу актуелен проблем, зависноста на децата од технологијата и од екраните. Во овој дел, Вуди, Баз и Џеси се соочуваат со нова закана, таблет во форма на жаба по име Лилипад, кој целосно ги маѓепсува децата и ги одвлекува од нивните традиционални играчки.

Холивудскиот актер Том Хенкс изјави дека екипата лесно се соживеала со приказната бидејќи и самите секојдневно го гледаат незаинтересираниот поглед на младите кои постојано гледаат долу во своите телефони.

„Ова е генерациска работа. Има еден момент во филмот каде што гледаме низ градот ноќе и во сите детски соби се гледа само тој син сјај од телефоните. Тоа навистина влева ужас во срцето“, изјави Хенкс за „Би-би-си“.

Тим Ален, кој го позајмува гласот на Баз Светлосниот, сподели и лично искуство со својата ќерка тинејџерка. Тој раскажа дека неодамна ја однел во кино, но таа едвај издржала да го догледа филмот бидејќи децата денес се навикнати на брзи содржини.

„Младите се толку навикнати на видеа од седум секунди на Инстаграм, кои имаат почеток, средина и крај, што им е тешко да задржат концентрација на двочасовен филм“, објаснува Ален.

Тој сепак додава дека секоја генерација имала своја технолошка дебата, неговите родители своевремено се грижеле затоа што тој постојано сакал да слуша рок-музика на радио или да гледа телевизија.

Актерката Џоан Кјузак (гласот на Џеси) смета дека оваа тема силно ќе одекне кај сите родители кои секојдневно се борат да им постават граници на децата за времето поминато пред екраните.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот