ФОТО | Атиџе Муратова по долго време се појави во јавноста, Турунџиева го откри поводот
По долго време, Атиџе Муратова се појави во јавноста, а нејзината пријателка Сузана Турунџиева сподели емотивна приказна за неа.
Препорачано
Во време кога, како што вели и самата Сузана Турунџиева, светот е исполнет со „алчност, лицемерие и отсуство на добра волја“, токму хуманоста и човечноста остануваат најсилниот потсетник дека добрината сè уште постои.
По повод 20 мај, Светскиот ден на пчелата, женскиот хор „Фрида“, предводен од Сузана Турунџиева, организираше хуманитарен базар и дружење со нивната почесна Фрида, Атиџе Муратова.
Од фотографиите објавени на профилот на хорот може да се види топлата атмосфера исполнета со насмевки, прегратки и многу емоции. Атиџе, препознатлива по својата ведрина и автентичност, била во центарот на вниманието, а посетителите имале можност да се дружат со неа и да дадат свој придонес во хуманитарната акција.
Инаку, Сузана Турунџиева и Атиџе Муратова се блиски пријателки, а Сузана помогна да се изгради нејзината нова куќа во селото Дорфулија. Турунџиева во повеќе наврати јавно ја покажуваше својата поддршка и приврзаност кон познатата пчеларка.
По повод настанот, Сузана Турунџиева го сподели следниот статус:
„Во свет полн со алчност, лицемерие и отсуство на добра волја, добрината и хуманоста се единствената вистина! Вчера по повод 20 мај, Светскиот ден на пчелата имавме прекрасно дружење со нашата почесна Фрида, Атиџе Муратова . Огромна благодарност до сите хумани Фриди, како и до нашите посетители кои дадоа придонес во хуманитарниот базар“, напиша Турунџиева.
Атиџе Муратова стана светски познато име по документарниот филм „Медена земја“ („Honeyland“), кој ја следи нејзината животна приказна во напуштеното село Бекирлија. Филмот, во режија на Тамара Котевска и Љубомир Стефанов, освои бројни меѓународни признанија и испиша историја како прв документарец номиниран во две категории на Оскарите: за најдобар документарен филм и за најдобар интернационален филм. Приказната за Атиџе, нејзиниот однос кон природата и познатата порака „половина за мене, половина за пчелите“ ја воодушеви светската публика и ја претвори во симбол на балансот помеѓу човекот и природата.


