Фармацевтката Милеусниќ открива кои лекови задолжително да ги понесеме на летен одмор
Летото и летниот одмор е период во годината кога сакаме да се оттргнеме од секојдневните рутини и обврски, но за жал, здравствните проблеми не одат на одмор. Без разлика дали патувате на некоја кратка или подалечна дестинација, правилната подготовка на „летната аптека“ е клучна во превенцијата одморот да ни се претвори во стресно искуство.
Препорачано
За тоа , што треба да ни биде апсолутен приоритет што мора да го спакуваме за на пат, за „Слободен печат“ разговаравме со Христина Милеусниќ, магистер по фармација. Таа истакнува дека содржината на патната аптека треба да биде индивидуално прилагодена:
„Летната аптека претставува важен дел од подготовката за секое патување бидејќи овозможува брза реакција при најчестите здравствени проблеми. Нејзината содржина треба да биде приспособена на возраста на патниците, дестинацијата, должината на престојот и евентуалните хронични заболувања. Пред сè, неопходно е да се обезбеди доволна количина од редовната терапија што ја користат лицата со хронични заболувања, како и мала резерва во случај на непредвидени околности.“

Мини-чек листа – што е неопходно
Кога се подготвуваме за пат, честопати се соочуваме со дилема – што е „за секој случај“, а што навистина ни е потребно? Милеусниќ советува да се фокусирате на лекови за најчестите летни состојби:
„Пожелно е да има лекови за намалување на болка и покачена температура (аналгетици и антипиретици), како и термометар. Понесете средства против мачнина при патување, препарати за стомачни тегоби и дијареја, орални рехидратациони соли за надоместување на електролити, како и пробиотици кои се клучни при промена на исхраната и водата“.
Покрај лековите, од големо значење се и средствата за заштита на кожата и нега при надворешни влијанија:
„Неизоставен дел се антихистамините за алергиски реакции или убоди од инсекти, како и основен материјал за прва помош – стерилни гази, фластери, завој и антисептик. Секако, не заборавајте ги репелентите против инсекти и препаратите за заштита од сонце, кои се вашата прва линија на одбрана од изгореници и оштетувања на кожата“.

Важни совети за чување на лековите
На крајот, Милеусниќ упатува на еден често занемарен, а исклучително важен момент: како ги чуваме лековите.
„Пред патувањето секогаш проверете го рокот на употреба на лековите. Летната аптека при патување чувајте ја во климатизираниот дел од автомобилот, никогаш не ја оставајте во багажникот! Високите летни температури можат сериозно да влијаат врз нивната стабилност и ефикасност“, заклучува магистер Милеусниќ.
Важно: Антибиотиците не треба да се користат превентивно ниту да се земаат „за секој случај“, освен доколку тоа не е јасно препорачано од лекар за конкретна здравствена состојба.


