Канада доби право да настапува на Евровизија — ќе дебитира ли веќе следната година во Бугарија?
Канада официјално доби можност да учествува на Изборот за песна на Евровизија, откако националниот јавен сервис Си-би-си/Радио-Канада стана полноправна членка на Европската радиодифузна унија (ЕБУ).
Препорачано
Одлуката беше донесена на Генералното собрание на ЕБУ во Прага, со што канадскиот јавен сервис, кој беше придружна членка уште од 1950 година, доби статус што му овозможува да пријави свој претставник на најголемото европско музичко натпреварување.
Сепак, од Си-би-си засега не откриваат дали Канада навистина ќе дебитира на Евровизија.
„Ќе имаме повеќе да кажеме за Изборот за песна на Евровизија подоцна“, изјави портпаролот на јавниот сервис Леон Мар.
Во буџетот на канадската влада за 2025 година беше наведено дека властите, во соработка со Си-би-си, ја разгледуваат можноста за учество на Канада на Евровизија. Според Си-би-си њуз, во иницијативата лично бил вклучен и премиерот Марк Карни.
Канада не би била првата земја надвор од Европа што настапува на Евровизија. Претходно право на учество добија Австралија, Израел и Мароко, иако не се европски држави.
Полноправното членство во ЕБУ ќе ѝ овозможи на Канада не само потенцијално учество на Евровизија, туку и пристап до заедничките новинарски, музички и информативни сервиси на Унијата, како и поблиска соработка со јавните радиодифузери од Европа.
„Ова е важно поглавје во нашиот однос со ЕБУ и ќе ја продлабочи соработката во време кога улогата на јавните медиуми е поважна од кога било“, изјави генералната директорка на Си-би-си/Радио-Канада, Мари-Филип Бушар.
Генералниот директор на ЕБУ, Ноел Куран, оцени дека Канада може значително да придонесе во работата на организацијата.
„Канада е еден од водечките јавни радиодифузери во светот и нејзиниот глас ќе ја направи нашата заедница уште посилна“, порача Куран.
Да потсетиме, годинава евровизиската победа ја однесе бугарската претставничка Дара, која ја претставуваше својата држава со песната „Bangaranga“. Ова е прва победа за Бугарија на најголемото музичко натпреварување во Европа.


