Почина актерката Ен Блајт на 98 години, многумина ја засакаа во култниот филм „Милдред Пирс“
Американската актерка Ен Блајт, која стекна светска слава со улогата на Веда, разгалената и себична ќерка на ликот што го толкуваше Џоан Крафорд во филмот „Милдред Пирс“ (Mildred Pierce), почина во средата на 98-годишна возраст, објави „Варајети“.
Препорачано
Блит беше номинирана за Оскар за најдобра споредна женска улога во 1946 година токму за својата изведба во „Милдред Пирс“, додека Џоан Крафорд за истиот филм ја освои наградата Оскар за најдобра актерка.
Иако во филмот мајката и ќерката имаат исклучително турбулентен однос, Блајт подоцна откри дека приватно одлично се согласувала со Крафорд.
„Тешко ми беше да ја удрам во една од најважните сцени“, се присети актерката во интервју снимено за „Тарнер класик мувис“.
Во текот на кариерата, Блајт остави впечатливи улоги и во „Брутална сила“ (Brute Force), „Големиот Карузо“ (The Great Caruso) и „Приказната за Хелен Морган“ (The Helen Morgan Story), во кој глумеше заедно со Пол Њуман.
Родена како Ен Мари Блајт во Маунт Киско, во американската држава Њујорк, уште како девојче покажувала интерес за музиката и актерството. Првично се школувала за оперска пејачка, а настапувала со оперската компанија „Сан Карло“.
Нејзината кариера започнала на Бродвеј со драмата „Стража на Рајна“ (Watch on the Rhine), по што добила договор со студиото „Јуниверзал“. На филм дебитирала во 1944 година со музичкиот филм „Откинат од блокот“ (Chip Off the Block), но вистинската слава ја стекнала една година подоцна со „Милдред Пирс“.
Во 1945 година, за време на кратка пауза од снимањето на филмот „Опасен сигнал“ (Danger Signal), доживеала тешка несреќа при санкање и го скршила грбот. Закрепнувањето траело повеќе од една година, а по враќањето на снимањата извесен период користела инвалидска количка.
По завршувањето на филмската кариера, Блајт се посветила на музичкиот театар и настапувала во претставите „Звукот на музиката“ (The Sound of Music), „Кралот и јас“ (The King and I), „Карневал“ (Carnival), „Горчливо-слатко“ (Bittersweet), „Јужен Пацифик“ (South Pacific), „Шоу боут“ (Show Boat) и „Мала ноќна музика“ (A Little Night Music).
Оствари и бројни телевизиски улоги, меѓу кои во сериите „Зона на самракот“ (The Twilight Zone), „Квинси, М. Е.“ (Quincy, M.E.) и „Убиство, таа напиша“ (Murder, She Wrote), каде што во 1985 година го имаше своето последно телевизиско појавување.
Ен Блит беше во брак со докторот Џејмс Мекналти од 1953 година до неговата смрт во 2007 година. Зад себе остави пет деца, десет внуци и пет правнуци.


