Земјите од ЕУ мора сами да се справат со предизвиците на вештачката интелигенција
Земјите од Европската Унија мора да развијат свои стратегии за справување со влијанието на вештачката интелигенција врз пазарот на трудот, изјави главниот економист на компанијата Опен Аи нагласувајќи дека не постои единствено решение што би можело да се примени низ целиот блок.
Препорачано
Рони Чатерџи на настанот „Политико за вештачката интелигенција и иднината на работата“ во Брисел рече дека различните економски структури на земјите членки бараат различни политики и пристапи. Тој нагласи дека ефектите од вештачката интелигенција врз вработувањето ќе зависат од тоа дали една земја повеќе се потпира на услуги или на индустриско производство.
Според новиот извештај на Опен Аи, околу 47 проценти од работните места во Европската Унија нема да бидат изложени на непосредни промени, додека околу 14 проценти од работните места имаат поголем потенцијал за автоматизација во блиска иднина. Околу 12 проценти од занимањата, како што е наведено, би можеле да растат благодарение на пошироката примена на технологиите за вештачка интелигенција и намалувањето на трошоците за бизнис.
Чатерџи изјави дека во одредени земји, како што се Германија, Грција и Италија, има најголем дел од работните места со висок потенцијал за автоматизација, додека Луксембург, Шведска и Холандија се меѓу земјите каде што има најголем потенцијал за раст на нови занимања поврзани со вештачката интелигенција.
ОпенАл може да остане без пари за 18 месеци, предупредува финансиски експерт
Тој истакна дека националните планови за адаптација треба да бидат додаток, а не замена за политиката на Европската Унија, нагласувајќи дека Брисел може да игра важна улога во финансирањето на програмите за преквалификација и истражување.
-Фокусот на писменоста за вештачка интелигенција и прилагодените национални стратегии мора да бидат усогласени со спецификите на секоја земја – рече Чатерџи, додавајќи дека успешната транзиција ќе бара пилот-програми, како и јавни инвестиции во обука на работната сила.


