Полесно е да ги смирите со телефон, но експертите предупредуваат — децата не треба да користат екрани до оваа возраст
Децата помлади од две години не треба намерно и редовно да бидат изложени на екрани, предупредуваат научници од четири британски универзитети, повикувајќи се на нова систематска анализа која покажува дека раното користење дигитални уреди може да има долгорочни последици врз нивниот развој, пишува „Евроњуз“.
Препорачано
Истражувањето покажало дека употребата на телевизори, мобилни телефони и таблети е широко распространета кај децата под две години, иако токму овој период е клучен за развојот на мозокот, јазикот и социјалните вештини.
Според научниците, времето поминато пред екран го намалува просторот за интеракција со родителите и старателите, ја ограничува играта со други деца, може да го забави јазичниот развој и да го зголеми ризикот од прекумерна стимулација.
„Утврдивме дека користењето екрани кај деца помлади од две години претставува глобален проблем кој ниту во 2026 година не се решава на соодветен начин“, изјавил Раф Клејтон, виш предавач на Универзитетот во Лидс.
Тој нагласил дека првите две години од животот се пресудни за поставување на темелите на физичкото и менталното здравје, поради што изложеноста на екрани може да има последици врз целата генерација и нејзиниот иден квалитет на живот.
Анализата ја спровеле истражувачи од Универзитетот во Лидс, Универзитетот „Лидс Тринити“, Универзитетот „Астон“ и Универзитетот „Лафборо“. Тие препорачуваат децата помлади од две години воопшто да не бидат намерно и редовно изложувани на екрани.
Воедно, научниците повикуваат да се преиспитаат препораките што охрабруваат заедничко гледање содржини со бебиња или промовираат технологии со екрани како погодни за „сите возрасти“.
„Се надеваме дека нашите наоди ќе им помогнат на родителите, стручните лица и носителите на политики да развијат поодржлив пристап кон употребата на технологијата и да создадат соодветни насоки за најмалите деца“, изјавил Ричард Џејмс, експерт за зависности од Универзитетот „Лафборо“.
Тој додал дека поради недостигот од јасни препораки, многу родители несвесно ги навикнуваат бебињата и малите деца на нездрав однос кон дигиталните уреди.
Истражувачите посочуваат дека секојдневната употреба на екрани до втората година од животот станала речиси универзална и значително ги надминува препорачаните граници. Како една од главните причини го наведуваат преоптоварувањето на родителите, кои честопати им даваат телефон или таблет на децата за привремено да ги смират или да им го задржат вниманието.
„Семејствата се соочуваат со овие предизвици без доволно информации и поддршка. Одговорноста не смее да биде само на нивните плеќи“, изјавила Андреа Лидсом, основачка на Фондацијата „1001 Critical Days“, која ја нарачала анализата.
Таа смета дека и технолошките компании треба да преземат поголема одговорност и да престанат да промовираат содржини означени како соодветни за бебиња, кога научните докази укажуваат на спротивното.
Eкспертите предупредуваат: Децата треба да избегнуваат екрани до одредена возраст


