Eкспертите предупредуваат: Децата треба да избегнуваат екрани до одредена возраст

Фото: Andriy Kravchenko / Panthermedia / Profimedia

На децата треба да им се забранува да поминуваат време пред екраните до 3-годишна возраст бидејќи тоа може да доведе до доцнење во развојот, покажа новото истражување објавено во „ЈАМА Педиатрикс“ (JAMA Pediatrics).

Истражувачите од Универзитетот Дрексел открија дека бебињата и малите деца на кои им е дозволено време пред екранот имаат поголема веројатност да развијат атипични сензорни однесувања поврзани со невро-развојни нарушувања како што се аутизмот и дефицит на внимание/хиперактивност (АДХД), пренесува „Њујорк пост“. 

Тимот анализирал податоци за навиките за гледање телевизија и филмови на 1.470 деца помлади од 2 години, според податоците на нивните родители.

Истражувачите откриле дека едногодишните деца на кои им било одобрено време пред екранот имале 105 отсто поголема веројатност да доживеат проблеми со сетилната обработка на 33 месеци.

Овие деца имаат поголема веројатност да се вклучат во загрижувачки однесувања како што се исклучување или покажување недостаток на интерес за активности, бавно реагирање на стимули, барање поинтензивна стимулација од околината или чувство на преплавување од сензации како гласни звуци или силни светла.

Истражувачите, исто така, откриле времето поминато пред екранот на бебињата и нивната возраст директно влијае на нивниот развој. Секој час дневно поминување на екранот ги зголемува шансите на детето да покаже сензорни проблеми за 23 отсто на 18 месеци, и 20 отсто на 24 месеци.

Експертите заклучија дека на децата помали од 3 години не треба да им се дозволува време пред екранот, а на децата од 3 до 5 години треба да им се одобри само еден час дневно.

Фото: Пекселс/harrison-haines

Сепак, децата од 2 години и помлади, во просек поминувале 3 часа и 3 минути дневно пред екранот во 2014 година, според истражување објавено во „ЈАМА Педиатрикс“ (JAMA Pediatrics).

„Обуката и образованието на родителите се клучни за минимизирање, или се надеваме и избегнување на времето поминато пред екранот кај децата помали од две години“, рече во изјавата постар автор на студијата д-р Дејвид Бенет, професор по психијатрија на Дрексел.

Исклучок е видео разговорот – бидејќи социјалните бенефиции веројатно се корисни за развојот на детето.

Ова истражување се надоврзува на долгата листа на загрижувачки ефекти кои веројатно се поврзани со времето поминато пред екранот, вклучително и доцнење на говорот, проблеми со однесувањето, проблеми со спиењето и тешкотии во решавање проблеми.

Исто така, ова доаѓа и со стапката на аутизам и АДХД, која драстично порасна во последниве години. Во 2020 година, едно од 36, 8-годишници во Америка имало аутизам, во споредба со еден од 44 во 2018 година, објавија Центрите за контрола и превенција на болести (ЦДЦ).

Националната стапка на АДХД, исто така, постојано се зголемува откако ЦДЦ почна да го мери во 1997 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот