ДУИ надвор од влада – црвена линија и на ЗНАМ и на „Вреди“!

Двата опозициска субјекта се изјаснија дека со свои барања ќе седнат со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, ако биде мандатар, за преговори за новата влада, иако Мицкоски изјави дека почнал разговори со опозициски партии што се дел од коалицијата „Вреди“.

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски најверојатно ќе треба да почека до ноќта на 8 мај, по пребројување на гласовите од претседателските и од парламентарните избори, за конкретни одговори од ЗНАМ и од „Вреди“ дали ќе бидат дел од новиот владин кабинет ако опозициската партија победи на изборите.

И ЗНАМ и „Вреди“ се изјаснија дека ќе почекаат да ги пребројат пратеничките мандати и потоа, со свои услови и црвени линии, ќе седнат со Мицкоски ако биде мандатар за преговори за новата влада, иако лидерот на ВМРО-ДПМНЕ изјави дека почнал разговори со опозициски партии што се дел од коалицијата „Вреди“.

Ниту од ЗНАМ не потврдуваат дека преговараат за владина коалиција. Напротив, оттаму велат дека разговори за евентуално учество во влада ќе има по парламентарните избори.

Христијан Мицкоски, кампања, Фото: Мицкоски Фејсбук

– Од утрово преземав иницијатива, разговарав со некои од политичките чинители, засега би сакал да не ги откриваме имињата, иако тие сами деновиве ќе бидат познати во јавноста, да ги заокружиме сите тие разговори и преговори. Мислам дека е огромен потенцијалот, сите тие антивладини политички партии се добредојдени, мислам на сите партии кои се опозиција на владата на СДСМ и на ДУИ. Мислам дека прво ќе направиме добар резултат, одличен, историски, а потоа ќе направиме цврста, стабилна влада која ќе испорача трансформација на Македонија – изјави Мицкоски.

Минчев: Досега нема никакви преговори со ниедна партија

И додека на опозицискиот лидер му се брза со преговорите за нова влада, таков не е впечатокот од објавата на еден од лидерите на „Вреди“, Арбен Таравари, и од изјавата на шефот на централниот изборен штаб на ЗНАМ, Горан Минчев, дадена за „Слободен печат“.

– Досега нема никакви преговори со ниедна партија, зашто ние не излеговме на политичката сцена да се пазариме за функции, туку да покажеме дека е можно со еден чесен и искрен пристап, а притоа и докажавме дека се роди нова политичка сила, која врз база на идеолошка матрица и свои програмски насоки што ќе ги понуди до сите партии, ќе преговара за можеби идна коалициска влада. Од претседателот досега се кажани неколку ставови што се во програмата „Манифест за Македонија“, со кои ќе повикаме на национално обединување, односно на една декларација во која ќе се интерпретираат и ќе се зацртаат македонските црвени линии и националниот интерес на Република Македонија, со кои ќе се утврдат позициите на Македонија за влез во ЕУ. Секако дека ќе имаме и политички услови. Еден од политичките услови ќе биде ДУИ да не биде дел од новата влада – открива Минчев.

Горан Минчев, ген сек ЗНАМ

Тој додава дека партии што постојат подолго време и кои доминантно практикуваат власт во изминативе 30 години, ја сфаќаат нивната програма и идеологија и ги копираат нивните политички ставови. Минчев вели дека на изборите ЗНАМ докажала дека на политичката сцена народот ја препознал нивната визија и програма и дека се етаблирале како сериозен политички фактор без кој влада не ќе може да се прави.

– Ние се формализиравме како партија, на претседателските изборите се факторизиравме, а на парламентарните ќе се фаворизираме. Не ја исклучуваме можноста да останеме опозиција. Нема да седнеме со ниедна партија да разговараме пред да излезат резултатите од парламентарните избори – дециден е Минчев.

Гаши: Нема начин да има влада без „Вреди“

Откако Гордана Сиљановска-Давкова победи во првиот круг, Мицкоски обелодени дека му се јавил на претседателскиот кандидат на „Вреди“ Арбен Таравари за да му честита за резултатот и за можната соработка во новата влада, а Таравари преку Фејсбук му одговори на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ. Според Таравари, предлогот на Мицкоски покажува дека и ВМРО-ДПМНЕ разбрала каде тежи албанскиот глас. Сепак, тој вели дека „Вреди“ сега ќе се насочи на изборите на 8 мај за да обезбеди колку е можно повеќе пратенички мандати.

Африм Гаши – претседател на Алтернатива / Фото: „Слободен печат“

– Предлогот на Мицкоски покажува дека и ВМРО-ДПМНЕ сфати каде е тежината на гласот и на пратениците Албанци. Но, нашиот фокус како коалиција и како партија е работата за изборите на 8 мај за најголем број мандати. По изборите ќе се водиме од националниот интерес на Албанците. „Вреди“ е пообединета од кога било. Нашиот глас е мнозинство од гласовите на Албанците. Нашите мандати одат кај пратениците Албанци, бидејќи ние ги штитиме и ги унапредуваме Албанците, не ги продаваме ниту купуваме – напиша Таравари.

Интересна е изјавата на лидерот на Алтернатива Африм Гаши, кој е дел од коалицијата „Вреди“, дадена за „A2CNN“, во која вели дека е убеден дека мнозинството Албанци сакаат промени и дека резултатот од претседателските избори повеќе ќе ги мотивира и е убеден дека ќе бидат победници во албанскиот блок.

– Во однос на легитимитетот „Вреди“ ќе мора да биде дел од владата и нема начин да има влада без „Вреди“, бидејќи би се сметало дека нема легитимитет на албанскиот глас – смета Гаши.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот