Пет цвеќиња кои никогаш не треба да ги имате дома ако страдате од поленска треска
За жал, некои убави и многу популарни видови цвеќиња се најлошите виновници за предизвикување поленска треска.
Пролетта дефинитивно пристигна, а пролетните цветови во многу региони процветаа порано од претходните години.
Иако е невозможно целосно да се избегне поленот како што се приближуваат топлите сезони, постојат одредени растенија и цвеќиња што можете да ги искорените од вашата градина, а што ќе ви помогне да ја намалите количината во близина на вашиот дом.
Експертот Брајан Девенпорт, ко-основач на „Солар центар“ (The Solar Center), изјавил за британски „Мирор“ дека постојат пет типови кои е најдобро да се избегнуваат и објаснил зошто тоа се најлошите видови.
Прва на списокот е тревата.
– Поленот од трева е најиритантниот вид полен за оние кои страдаат од поленска треска, а се проценува дека 90 отсто од луѓето со алергии се погодени од неа – рекол Девенпорт. Ако вештачката трева не е разумна опција, тој предлага често косење на тревникот, што ќе го минимизира опрашувањето со спречување на цветањето.
Уште една многу честа појава на тревникот е нежната маргаритка, но повторно, таа е вистински предизвик за оние кои страдаат од поленска треска и може да предизвика чешање на очите и течење на носот. И тие се опрашуваат од ветрот, па најдобро е да ги отстраните кога ќе пораснат. Брајан, исто така, предупредува да не ги садите во висечки корпи или цветни леи.
Следна на листата е амброзија. Тоа е посебен проблем бидејќи само едно растение може да произведе до милијарда поленски зрна.
Цветните едногодишни и повеќегодишни билки и грмушки можат да пораснат до неколку сантиметри или над четири метри, а нивниот полен се пренесува во воздухот.
За жал, на листата се наоѓа и прекрасниот и сакан сончоглед. И покрај тоа што изгледаат неверојатно и им се омилени на децата, главицата на сончогледите е полна со полен и колку што се поголеми, толку повеќе полен имаат.
Сепак, сè не е изгубено, а оние кои сè уште сакаат да ја разубават својата градина со весели цвеќиња во лето, можат да се одлучат за сорта без полен.