Разговор со Џими Роџерс за гитарското дуо „Роџерс и Харисон“: Искрено и автентично музичко патување

Гитарско дуо „Роџерс и Харисон“

Гитарското дуо „Роџерс и Харисон“ ќе настапи на петтото издание на „Скопски градски фестивал“ на 7 мај во Филхармонија, а детали за концертот дознаваме од Џими Роџерс.

Пејачот и текстописец Џими Роџерс е роден во Скопје (Македонија) на Денот на вљубените во 1962 година. Тој расте како млад талент за скијање во спортско семејство. Но, неговиот музички талент станува сѐ поочигледен со текот на годините, особено откако ја добива својата прва гитара на подарок.

Како самоук мултиталент се фокусира својата гитара. Свири и пее во училишниот оркестар и на разни семејни и спортски настани. Веќе на 16 години Џими патува низ Европа и собира искуство како уличен музичар во Германија, Франција и Швајцарија.

Откако дипломирал на универзитетот, со себе го понел и своето искуство со фокус на музичката кариера. Првите успеси на музичката сцена ги остварува во 1991 година, а првиот албум „Fancy Cowboys“ го објавил во 1994 година.

Оттогаш наваму се редат албуми, концерти и формации со кои настапува. Во 2020 година го објавил албумот „Вагабундо“, кој е снимен од дуото „Роџерс и Харисон“. Тој албум во живо ќе може да го слушне и публиката на скопскиот концерт.

Во рамките на „Скопски градски фестивал“ на 7 мај ќе настапите во Скопје. Како се појави можноста за концертот?

– Поканети сме од „Баги комуникации“, организатори на фестивалот, кои оваа година го одржуваат неговото петто издание. Со проектот „Роџерс и Харисон“ ќе настапиме во Камерната сала на Филхармонија.

Роден сте во Скопје, во различни музички состави сте настапувале низ целиот свет, но не можам да најдам податок дали досега сте настапиле во Скопје?

– Од 1991 година живеам во Австрија и работам како професионален музичар. Во Скопје и во Македонија сум настапувал на разни културни манифестации во последниве 30 години, како „Скопско лето“, „Карпошово културно лето“, но и на „Караманови вечери“ во Радовиш, „Гитар фест“ во Крушево, а неколкупати сум настапил и на „Макфест“ во Штип.

„Роџерс и Харисон“ – Секој од нас е музички работник со долгогодишно музичко искуство

Каква програма дуото „Роџерс и Харисон“ ќе изведува на турнејата „Вагабундо“, која во текот на летото продолжува во Австрија, Германија и Црна Гора?

– Соработката со Харисон почна во 2018 година. Секој од нас е музички работник со долгогодишно музичко искуство. Албумот „Вагабундо“ е спој на авторска музика со оригинални мелодии што аранжмански се спакувани за две акустични гитари. Албумот е целосно снимен со настап во живо во студио. Истата програма од албумот во живо ја свириме и пред публиката на концертите на кои настапуваме. Музиката има стилски примеси на латино, блуз и буги израз. Многу е шарено, но и интересно за публиката.

Како се случи од талентиран скијач да станете успешен гитарист и музичар?

– Да, потекнувам од скијачко семејство и бев активен спортист до својата 28-ма година. Подоцна одлучив професионално да се занимавам со музика. Гитара почнав да свирам уште како младо момче и таа љубов трае, еве веќе добри 40 години, и постојано ме инспирира.

Гитара почнав да свирам уште како младо момче и таа љубов трае, еве веќе добри 40 години, и постојано ме инспирира

Рок, блуз, смут-џез се дел од репертоарот на концертите на кои настапувате. Каква порака сакате да пренесете преку музиката што ја создавате?

– Зад мене се многу години свирење и музички влијанија, многу километри и инспирации. На албумот „Вагабундо“ максимално ја отворивме својата инспирација, притоа не ограничувајќи се само на еден стил. На нашите концерти публиката доживува интересно музичко патување. Тоа постојано ни го кажуваат по завршувањето на концертот. А звучи онака како што звучиме ние – искрено и автентично.

(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 228, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 27-28.4.2024)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот