Анчелоти одговори на критичарите: Само еден човек може да ми даде совет
Селекторот на Бразил, Карло Анчелоти, одговори на критиките што ги доби од дел од бразилската јавност по драматичната победа над Јапонија на Светското првенство, нагласувајќи дека според тренерското искуство пред него е само легендарниот Сер Алекс Фергусон.
Препорачано
Италијанскиот стратег се најде на мета на коментари на социјалните мрежи и покрај тоа што Бразил со пресврт стигна до триумф. „Кариоките“ губеа со 1:0, но со головите на Каземиро и Габриел Мартинели во судиското продолжение обезбедија место во осминафиналето.
Анчелоти порача дека критиките се составен дел од фудбалот, но смета дека неговото долгогодишно искуство доволно зборува за неговата работа.
„Во Италија има една изрека, сите мажи мислат дека се тренери, а сите жени архитекти. Не знам дали разбирам фудбал или не, но не може некој да ме оценува само врз основа на еден натпревар“, изјави Анчелоти.
Тој потсети дека повеќе од четири децении е во тренерските води и дека зад себе има огромен број натпревари.
„Во кариерата сум подготвувал екипи за повеќе од 1.400 натпревари. Можеби тоа не е доволно некој да каже дека го разбирам фудбалот, но сигурно претставува големо искуство. Само еден тренер има повеќе натпревари од мене, а тоа е Алекс Фергусон со повеќе од 2.000. Подготвен сум да слушам совети од секого, но ако некој навистина може да ми даде совет, тоа е Фергусон“, истакна селекторот на Бразил.
На крајот, искусниот Италијанец испрати порака во свој препознатлив стил.
„Сто проценти сум сигурен дека не сум гениј, но исто така сто проценти сум сигурен дека не сум будала“, порача Анчелоти.
Италијанецот во својата богата тренерска кариера ги предводеше Јувентус, Милан, Челси, Пари Сен Жермен, Реал Мадрид, Баерн Минхен и Наполи, а сега има задача да го врати Бразил на светскиот фудбалски врв.


