Македонија - кошаркари/КФМ

Македонија го победи Луксембург и остана перфектна во квалификациите

Македонската кошаркарска репрезентација со максимален ефект ги заврши претквалификациите за Европското првенство 2029, откако на гостувањето во Луксембург славеше со убедливи 80-66 и ја запиша шестата победа од исто толку натпревари.

И покрај тоа што селекторот Жозеп Мариа Берокал настапи со скратен ростер, неговите избраници уште од самиот почеток ја презедоа контролата врз натпреварот. Предводени од расположениот Ефремовски, Македонија рано создаде предност, а со одличната игра на Ташовски во завршницата на првата четвртина обезбеди водство од 23-15.

Нашата селекција продолжи во ист ритам и во втората четвртина. Разликата брзо стана двоцифрена, а значаен придонес дадоа и кошаркарите кои влегоа од клупата. Македонија доминираше во сите сегменти од играта, а Ефремовски со тројка во последната секунда од првото полувреме ја постави највисоката предност од 46-27.

Во првите 20 минути најрасположени беа Ташовски и Ефремовски со по 10 поени, додека новото засилување Сестина веќе на дебито покажа дека ќе биде важен адут, постигнувајќи осум поени пред паузата.

Во продолжението Берокал искористи можност да ротира повеќе играчи и да испроба различни комбинации. Луксембург успеа да намали дел од негативата во третата четвртина, но ниту во еден момент не се закани сериозно да го загрози триумфот на Македонија.

Со оваа победа Македонија ја завршува првата фаза со совршен учинок од 6-0, откако двапати ги совлада Луксембург, Ирска и Азербејџан, со што обезбеди пласман во следната рунда од претквалификациите за Европското првенство 2029.

Најефикасен во македонскиот состав беше дебитантот Сестина со 18 поени, додека Ташовски натпреварот го заврши со 16 поени, седум скока и седум асистенции.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот