„Ризикот е Русија да стане очајна“: шведски остров на Балтикот се подготвува за најлошото сценарио
Шведскиот остров Готланд, кој се смета за една од стратешки најважните точки во Балтичкото Море, брзо ги зајакнува своите воени и цивилни капацитети поради можноста за идна руска закана, пишува денес британскиот весник „Гардијан“.
Препорачано
Според британскиот весник, шведската армија интензивно го обновува своето присуство на Готланд од 2018 година, а процесот е дополнително забрзан по почетокот на војната во Украина и влегувањето на Шведска во НАТО.
Командантот на шведската армија на Готланд, полковник Андреас Густафсон, оцени дека контролата врз островот е клучна за контрола на Балтичкото Море и безбедноста на целата Алијанса.
„Ако можете да го контролирате Готланд, можете да го контролирате и Балтичкото Море. Затоа мора да ја задржиме контролата врз островот, заради Шведска, но и заради НАТО“, рече Густафсон.
Тој оцени дека во моментов нема непосредна опасност од конвенционален напад од страна на Русија, но дека шпионажата и саботажата се пореална закана, предупредувајќи дека ситуацијата може да се промени ако има прекин на огнот или мировен договор во Украина.
„Секогаш постои ризик Русија да стане очајна. Колку повеќе притисок има, толку поочајна може да стане“, рече Густафсон.
Покрај военото засилување, шведските власти развиваат и систем на граѓанска отпорност. Жителите на Готланд организираат локални групи за итни случаи, складираат храна и вода, мапираат алтернативни извори на снабдување и подготвуваат центри за прием на граѓаните во случај на криза.
Микаел Фризел, генерален директор на Шведската агенција за цивилни непредвидени ситуации, рече дека Готланд, поради својата географска локација, мора да биде што е можно посамоодржлив во случај на прекин на снабдувањето.
Подоцна оваа година, островот ќе одржи и вежба за евакуација од големи размери за неколку стотици жители, додека шведските власти планираат да го применат искуството од Готланд во други делови од земјата.


