Промислувања за европската злосторничка ароганција
Денес Европа се однесува како операцијата Барбароса, најголемиот злостор што човештвото го памети, воопшто да не се случил. И, ароганцијата на скудоумните ја заслепува и нашата моќ на поимање дека милионското убивање на војниците на Црвената Армија и на жителите на Советскиот Сојуз, претежно Русите, тие исто така ја заборавиле како што тоа лесно е изведено во европската култура на заборавот.
Пред две недели во тишина и општа амнезија помина 22 јуни, денот на јубилејната 85-годишнина од почетокот на најголемиот воен злостор и злостор против човештвото во целата човекова историја. Тој најдолг и најсветол ден во годината може слободно да ја носи атрибуцијата на најмрачниот ден во историјата, таа 1941 година, денот кога Хитлеровата армија заедно со европските сојузнички армии и доброволечките дивизии безмалку на сите денешни членки на Европската Унија, извршија инвазија на Советскиот Сојуз и го започнаа најголемото масовно убивање луѓе што човештвото го памети.
Препорачано
Постојат барем две причини зошто овој јубилеј би морал да се извлече од намерно создадената култура на заборавот, и на денешните генерации да им се предочат фактите и вистините за овој најголем геноцид на сите времиња, убивањето на 27 милиони претежно Руси, Украинци, Белоруси, но и други народи на Советскиот Сојуз. Првата би била неверојатната асиметричност во третманот на двата најголеми и најсурови геноциди во историјата, обата извршени во Европа и во истото време, обата започнати безмалку на истиот датум и обата извршени од војниците на Хитлеровата обединета Европа, се разбира, предводени од германската армија и ес-ес дивизии. Навистина, додека за геноцидот на европските Евреи се напишани десетици илјади книги, студии и статии, за геноцидот над Словените – во бројки петпати поголем – се напишани илјадапати помалку релевантни историски книги и анализи, а европската јавност овој најголем геноцид во историјата го има закопано во ништожеството на заборавот.
А втората причина за сеќавањето на почетокот на најголемата, најкрвавата и најсуровата воена инвазија во историјата на светот – операцијата Барбароса, е што денешната геополитичка и военополитичка ситуација во Европа неверојатно многу потсетува на онаа од втората половина на 1941 година, иако таа Годѕила што го замрачува сиот наш хоризонт како никој да не ја забележува!? Огромен е бројот на римувања на денешните премрежиња со оние од 41: со оружјето и парите на Европската Унија денес се води војна приближно на истите линии на фронтот во Украина; милитаризацијата на Европа е предводена од милитаризацијата на најголемата и најмоќна европска земја – Германија; а мора да се спомне и дека европската мапа – особено на територијата на некогашна Југославија и западните делови на Советскиот Сојуз – најмногу наликува на онаа од Втората светска војна.
Затоа, сеќавањето на европската агресија врз Советскиот Сојуз што тогаш ги предизвика најголемите воени губитоци, најголемите воени злостори и најголемиот геноцид на цивили откога светот научи да памети, е од особена важност за денешните генерации, зашто агресивноста, ароганцијата и монструозното глупило на европските лидери во ескалирањето на војната во Украина, што веќе отворено се води со цел да ѝ се зададе „стратешки пораз“ на Русија, да се смени руската влада, и по можност Русија да се „деколонизира“, односно да се подели на петнаесетина или повеќе мали државички премногу се „римува“ со катастрофата од пред 85 години. Ова е од најголема важност, повторувам, токму затоа што Русите во никој случај не го заборавиле монструозниот злостор во кој се убиени 30 милиони нивни непосредни предци, и овој пат секако нема да дозволат војната да се води на нивна територија, со нивни масовни губитоци на животи, туку сеќавајќи се на Барбароса, ќе го употребат своето нуклеарно оружје врз сите нас, натоизираните европски и околуевропски земји, што проширувањето на НАТО на исток и сега во Украина ги направи легитимни цели во намерно предизвикуваната нуклеарна војна.
Но, да му се вратиме на јубилејот и на операцијата Барбароса. По интензитетот на воените жртви оваа воена инвазија ги надминува сите други. Додека во Битката на Сома во Првата светска војна за помалку од шест месеци загинаа дури еден милион војници, исто колку и во Сталинградската битка, за истото тоа време – од 22 јуни 1941 до крајот на годината – во операцијата Барбароса загинаа дури 5 милиони млади луѓе во униформи! Од овие чудовишно големи воени жртви германските и европските армии имаа 1,5 милиони мртви војници, додека Црвената армија загуби дури 3,5 милиони.
За да се сфати магнитудата на овие воени дејствија и монструозно големите човечки загуби, треба да се земе предвид дека за шесте месеци од траењето на операцијата Барбароса, Германците загубија 2.700 тенкови, 41.000 камиони, 13.600 артилериски оружја, 4.900 авиони и повеќе од 200.000 коњи, додека Црвената армија загуби 20.500 тенкови, 17.900 авиони и повеќе од 100.000 топови и минофрлачи. Може ли некој денес да ја смести во умот несфатливата димензија на тој пекол, и може ли некој во нашата родна и малоумна Европа да сфати колку е иритирачки нејзиниот безумен заборав, и колку е опасно нејзиното самоамнестирање од мегазлосторот што го има извршено врз Русите и другите народи на СССР, во светло на денешното арогантно провоцирање на руското сеќавање и на рускиот можен и очекуван нуклеарен одговор.
Еден посебен аспект на шесте месеци од операцијата Барбароса е што за тоа исто време германскиот Вермахт – со децении упорно амнестиран од злостори од страна на западната пропаганда – го има извршено најголемиот воен злостор врз воените заробеници во воената историја на нашиов мрачен животински вид. Германската армија со молневитите продори и опкружувања со моторизираните оклопни дивизии успеа до крајот на 1941 година да зароби дури 3,3 милиони советски воени заробеници. Оваа огромна бројка на луѓе беше чувана во нечовечки услови, во импровизирани логори на отворено, без храна и вода, во надоаѓачката зима, а на периметрите од овие непрегледни човечки маси на отворен простор беа убивани со куршум сите што ќе исчекореа од толпата во потрага по храна и вода. Овие машки деца заробени од европските „цивилизаторски“ армии беа изложени на најсуровиот процес на дехуманизација со гладување, жед и болести, премрзнување и насилни смрти, јадејќи корења, трева и земја, па само до крајот на јануари 1942 дури 2,1 милион од нив ги изгубија своите животи во заробеништво, и тоа, како што веќе беше речено, во најсурови, најдивјачки и непоимливо нечовечки услови што човечката болна имагинација може да ги замисли.
Посебно ужасен бил третманот на женските борци во униформи на Црвената армија од страна на германската војска. Документирано е дека фелдмаршалот Гинтер фон Клуге издал наредба со сурова извршност: „Жените во униформа веднаш да се стрелаат“. А, фелдмаршалот Валтер Фон Рајхенау издал наредба со прецизни упатства за третманот на заробените партизани, женски војници на Црвената армија и политичките комесари, со посебна нагласка на женските војници од Црвената армија, дека сите наведени категории заробеници треба да бидат стрелани веднаш по заробувањето, „на лице место“. И генералот Ернст Хамер издал писмена наредба дека „жените фатени во руска униформа мора да бидат стрелани на лице место“. Безначаен број од овие категории заробеници го преживеал колежот, но сепак документирано е дека фатените женски борци на Црвената армија биле систематски силувани, мачени и егзекутирани од страна на германските војници. А бројките на убиени пред да бидат заведени како воени заробеници досегаат неверојатни висини од десетици и стотици илјади само во првите шест месеци од почетокот на операцијата Барбароса.
Денес Европа се однесува како овој најголем злостор што човештвото го памети воопшто да не се случил. И, ароганцијата на скудоумните ја заслепува и нашата моќ на поимање дека милионското убивање на војниците на Црвената Армија и на жителите на Советскиот Сојуз, претежно Русите, тие исто така ја заборавиле како што тоа лесно е изведено во европската култура на заборавот. Но, за чудо, Русите не го заборавиле мегазлосторот што Европа го има извршено врз нивните предци, а последиците од нашата натовска ароганција и руското паметење допрва ќе ги доживееме. Или нема да ги преживееме.
(Авторот е архитект и универзитетски професор)
ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“


