Марија Георгиевски

Десет причини зошто Македонија не е спремна за онлајн или гласање по пошта на дијаспората

Не се сите од дијаспората застапници на изборниот закон. Јас сум една од нив. Еве десет причини зошто.

Јас, како и сите вие ​​што го читате ова, ја сакам Македонија и сакам да ја видам успешна. Не сметам дека земјата е подготвена да се справи со обемот на гласачи од дијаспората кои би гласале по пошта или онлајн. Постојат премногу примери, од кои некои ќе ги наведам во следните точки. Сметам дека оние што го поддржуваат ова, во голема мера ја потценуваат големината на оваа иницијатива.

– Електронското гласање само ги привлекува хакерите и им ја олеснува работата на оние со лоши намери. Ова е факт. Имаше хакирање на веб-страница за избори во 2020 година, обид за хакирање на страницата за пописот во 2021 година и дополнителни хакерски напади врз страницата на Министерството за образование во 2022 година.

– Што се однесува до гласањето по пошта, дали некој е свесен колку време ѝ е потребно на поштата од странство за да стигне во Македонија? Ова го пишувам од САД. Дали гласачите што живеат во Македонија треба да чекаат со недели за да дознаат кој победил на изборите, само затоа што земјата чека на гласачките ливчиња испратени по пошта?

– Имало неколку случаи на изборни измами преку гласање по пошта, а ако ви треба пример, доволно е да ги погледнете изборите во САД од 2020 година. Тоа не значи дека такво нешто се случува секојпат, но сепак отвора можност за тоа.

– Без оглед на тоа што мислам јас, зошто е праведно да ѝ се доделат посебни привилегии на дијаспората и да ѝ се олесни гласањето во споредба со луѓето што живеат во Македонија?

– Некои пратеници се залагаат овие олеснувања да се прошират и на локалните избори. Луѓето негодуваа (и имаа основа за тоа) поради националистите што доаѓаа во Македонија со авиони за да гласаат во Кичево. Да, луѓето имаат уставно право на глас, но зошто би сакале да ѝ олесниме на странската дијаспора потенцијално да го надгласа локалното население? Зар не сакаме гласот на локалните жители да биде на прво место?

– Единственото нешто за кое генерално се согласуваат избирачите и оние во дијаспората е една изборна единица и елиминирање на даночните пари за политичките партии. Овие две работи треба да бидат први пред да се разговара за гласањето на дијаспората.

– Често слушам од оние што ги бранат овие промени дека луѓето од дијаспората инвестираат во Македонија и заработуваат многу пари. Дали тоа значи дека повеќе го цениме гласот на оние што имаат пари отколку на луѓето што живеат во земјата?

– Уште еден аргумент што го слушам е дека луѓето не треба да мораат да патуваат со авион од Лос Анџелес. На секои петмина Македонци во Лос Анџелес, има по 50 во Детроит, Торонто или Чикаго. Сепак, бројот на гласачи од овие места е исклучително мал. Која е причината за тоа? Зошто не можеме да признаеме дека треба да работиме на градење мост, зајакнување на пријателството и подобрување на инфраструктурата за гласање пред да ја воведеме оваа голема промена?

– Сите знаеме дека пописот за дијаспората беше катастрофа. Многумина велат дека тој беше бојкотиран, и тоа е точно. Сепак, со повеќето луѓе воопшто не беше стапено во контакт, ниту, пак, беа информирани за пописот. Ако не можеме да ги натераме луѓето да пополнат краток формулар за попис онлајн, како тогаш да ги натераме да гласаат? Зошто се создава впечаток дека одеднаш, стотици илјади Македонци ќе почнат да гласаат?

Бонус:

Како македонската влада ќе знае дека луѓето што гласаат од дијаспората се сè уште живи? Постојат примери за случаи кога македонски гласач што живее во странство умира, а македонската влада не знае за тоа. Со години.

Можеби нема да бидам популарна што ги кажувам овие работи, но тие се вистинити. Те сакам, Македонијо, со целото мое срце.

(Авторката е Македонка од САД)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот